Груевски: Вака не било ни во 1949 година


Поранешниот премиер Никола Груевски ја обвини актуелната власт дека контролира се во државава и оти ја задушува опозицијата и демократијата. Излегувајќи од Кривичниот суд во Скопје, каде што е обвинет за случајот „Траекторија“, упати апел до Обвинителството и судството „да не прави вакви работи“, алудирајќи на притворот што им е одреден на пратениците на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

„Во моментот пет проценти од сите пратеници се во притвор домашен или ефективен или 12 проценти од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Ова може да се случи само во држава во која демократијата е длабоко закопана. Партијата која до пред шест месеци зборуваше и не го вадеше зборот режим од уста, сега прави вистински режим. Ова го немало ни во 1949 година. Вакво незаконско постапување кон пратениците, нивно држење со лисици и по 16 часа и одредување притвор за ништо затоа што биле на работното место, затоа што некоја пратеничка се гушнала со сопругот кога влегол во Собранието, кога чул што се случува таму е ништо повеќе, туку задушување на опозицијата и демократијата“, изјави Груевски.