Градоначалникот на Ново Село осуден на 18 месеци затвор


Градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев е осуден на 1 година и шест месеци затвор за кривично дело „обид за пренесување на непријавена стока“.
Струмичкиот суд вчера ги соопшти пресудите за овој случај, а синот на Стојче и неговиот внук се осудени на казна затвор од една година.

Единствено сопругата на градоначалникот е осудена на условна казна бидејќи имала здравствени проблеми. Лицето со моторот кое требало да го набљудува теренот е осуден на осумесечна казна затвор.

Основното јавно обвинителство пред денешната расправа го изменило обвинението и на осомничените не им се судеше за занимавање со криумчарење, туку за кривично дело обид за пренесување непријавена стока.

Сите обвинети го признале кривичното дело заради што имаат право на жалба до апелација во Штип единствено за висината на казните. Според пресудата се укинува и мерката притвор за што обвинтелството има право на жалба.

Градоначалникот на Ново село и чеклнови на неговото семејство беа фатени два километри пред македонско – бугарската граница како во две теренски возила превезуваат 33 илјади кутии цигари од марката Калипсо во вредност од над три милиони денари.