„Гардијан“ отсега ќе излегува во таблоиден формат


Британскиот дневен весник „Гардијан“ денеска првпат излезе во формат на таблоид, откажувајќи се од економски причини од берлинер форматот, во кој излегуваше од 2005 година.

Берлинер форматот е со страници 315х470 мм, односно е нешто поголем од форматот на таблоидите, кои се со димензија од 290х430 мм.

„Гардијан“ ќе ја задржи својата наслова страница во боја, но го напушта темно-синото заглавие на насловната страница. Исто така, се менува изгледот на буквите во насловите и се воведува нов прелом на страницата заради полесно читање.
Катрин Вајнер, главна уредничка на весникот кој излегува од 1821 година, изјави дека поради намалување на продажбата, печатењето на весникот во берлинер станува се поскапо. Станува збор за „храбар, остар и убав“ весник, напиша таа во воведникот.

– Нашето преминување на таблоиден формат е важен чекор за „Гардијан“ да биде финансиски одржлив и да ни овозможи и натаму да вложуваме во квалитетно новинарство поради идните генерации, додаде таа.

Измени има и на порталот на весникот, кој месечно има над 130 милиони посети ширум светот, каде се сменети боите, со цел да биде усогласен со изгледот на печатеното издание.

Промени се предвидени и за „Обсервер“, неделното издание на „Гардијан“.