Владата отфрла поврзаност со реизборот на директорот на МРТ
Владата нема никаква поврзаност со изборот на директорот на Македонската радио телевизија, изјави вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски, по реизборот на Марјан Цветковски на чело на јавниот сервис.
„Овој избор е одлука на Програмскиот совет на МРТ кој се уште функционира во стариот состав, а граѓаните на Македонија добро знаат кој членува во тој состав, на кој начин работеше и под чии влијанија“, истакна на денешната прес-конференција Бошњаковски.
Според него, веднаш по усвојување на новиот закон за аудио и аудиовизуелни услуги ќе се овозможат професионално непартиски нови раководни позиции и во Македонската радио телевизија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ).
„Тоа значи дека овој избор е на важност сѐ додека не го усвоиме законот“, рече Бошњаковски.
Со ова, рече тој, ќе се прекине нетранспарентноста и партизацијата на МРТ и на Агенцијата. Новиот закон се очекува да помине на владина седница до крајот на неделава.
Цветковски е на чело на МРТ од 2012 година, а на функцијата дојде како кадар на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Програмскиот совет на МРТ гласал за негов реизбор во конкуренција со уште 12 кандидати. За заменик-директор е избран Харун Ибраими, за што биле доставени осум кандидатури, на конкурсот распишан во јануари.