Албанците знаат да казнат погрешна политика


Според последниот рејтинг СДСМ испадна втора „албанска“ партија. Расцепувањето на Беса, но и на другите партии, според проценката на политикологот Башким Бакиу, се меѓу главните причини зошто Албанците и натаму му даваат силна поддршка на СДСМ.

Последната анкета околу рејтингот на партиите покажа дека СДСМ и оваа година бележи раст на поддршката кај Албанците. Лани социјалдемократите добија доверба од 12,4 проценти од испитаниците Албанци, додека во последната анкета на МЦМС тој процент изнесува 13,2 отсто. Со овие резултати, СДСМ фактички е втора партија кај албанскиот кампус и натаму ужива голема доверба кај албанските гласачи, по што логично се поставува прашањето зошто како партија е толку популарна кај Албанците?
Според политикологот Башким Бакиу, кој и самиот има неколкугодишно искуство во правењето анкети, одговорот на ова прашање е во фактот дека СДСМ сака да ги земе фрагментираните гласови во албанскиот камп. Тема за сериозна анализа, смета Бакиу, претставува фактот дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од формирањето на партијата па сѐ до денес никогаш немал помал рејтинг.

„Првично, мислам дека за да се знаат прецизните рејтинзи за албанскиот блок и за Албанците мислам дека треба да бидат опфатени повеќе граѓани, бидејќи во оваа анкета бројот на Албанците е мал. Но, и таа дава порака. Кога се во прашање Албанците, мислам дека сѐ уште се ‘лажат’ со НАТО и ЕУ, иако во пракса сме многу далеку од нив. Иако нема некоја посебна причина за поддршката на Албанците за СДСМ, социјалдемократите се посебно фокусирани кон албанските гласови и ова може јасно да се види во анкетата. Но последните избори докажаа дека Албанците како гласачи знаат да казнат, и ова на СДСМ може да му се врати како бумеранг. Со други зборови, расцепувањето на албанскиот глас, намалувањето на ДУИ и фрагментирањето на Беса создава апетити кај СДСМ“, смета Бакиу.

Околу последниот рејтинг на партиите и по повод една година од формирањето на Владата, реагираше партија на Зијадин Села, Алијансата за Албанците. Оваа партија преку својот портпарол Флакрон Беџети до владиното дуо Заев – Ахмети ја испрати пораката дека иако Владата на почетокот беше најавена како реформска и ветувачка, една година потоа резултатите на терен се поразителни. Според Алијансата, има неуспех во реформирањето на правниот систем, се одолговлекува законот за употреба на јазиците, занемарена е албанската опозиција околу прашањето за името и ветените реформи во образованието и здравството се пропаднати.

„Владата имаше успешен старт, со Алијансата како дел од неа, и беше надеж за Албанците. Но една година подоцна надежта за успешна влада поради внатрешните превирања од ден на ден ја снемува. Алијансата за Албанците смета дека владата не исполни голем дел од ветувањата што ги даде во предизборната кампања.
Одолговлекувањето на законот за албанскиот јазик, кој е главен дел од Охридскиот договор и кој беше главен момент за формирањето на владата, и неподготвеноста на првиот парламентарец тој закон да го испрати во „Службен Весник“ покажува дека ДУИ нема доволен капацитет да биде дел од владата. Еве и неколку неисполнети ветувања: Албанската опозиција е занемарена и неконсултирана во однос на спорот за името, за тоа како претставник на Албанците е консултирано ДУИ, иако последните изборни резултати им го одземаат тоа право. Пропаднати се реформите во правосудниот систем, не се санкционирани неколку функционери на ДУИ кои беа дел и од минатата власт со ВМРО за кои има сомнение дека направиле кривични дела како што се корупција, организиран криминал и изборен фалсификат“, рече Беџети.

Сепак, ако се споредат одговорите на анкетираните лица, на прашањето за која партија гласале на минатите парламентарни избори, околу 27 отсто одговориле за СДСМ, 23,6 отсто за ВМРО-ДПМНЕ, 6,1 отсто за ДУИ, додека пак доколку утре би се одржале избори 25,5 отсто би гласале за СДСМ, а истиот пад се забележува и кај ВМРО-ДПМНЕ за која би гласале 20,6 отсто додека ДУИ бележи раст бидејќи за оваа партија рекле дека би гласале 7,4 отсто.

Голем дел од анкетираните лица, односно 31,3 отсто, одговориле дека немаат доверба ниту во еден политичар, додека премиерот ужива доверба од 24,1 отсто. Кај Албанците, иако Али Ахмети ужива најголема доверба со 4,1, неговиот рејтинг мината година бил 6 отсто.

Блерим Исмаили