Зошто „Кармина бурана“ на Карл Орф е толку магична?

„Средбата со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот“


Величествената музика на Орф, вечерва, во 21 часот, во Градски парк, ќе биде Балкан во мало на музички план. Не очекува голем музички спектакл, на која ќе биде изведена грандиозната музичко-сценска кантата ‘Кармина бурана’ од Карл Орф, под отворено ѕвездено небо со Македонската, Софиската и Солунската филхармонија, како традиционален завршен концерт на Филхармонија. По нејзината изведба во Софија и Солун, во Градскиот парк ќе оддекне и пред домашната публика и на тој начин ќе се заокружи оваа значајна соработка меѓу трите балкански оркестри која ја потенцира моќтта на музиката и културата која обединува и која не познава граници.

Скопје и секаде низ целиот свет публиката се воодушевува постојано на спектаклот и за очи и за уши, на „средбата со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот“.

Моќната и возбудлива, кантатата на германскиот композитор ја освои публиката уште на првата изведба во операта во Франкфурт во 1937 година, оттогаш со години го привлекува вниманието како на режисерите и кореографите, така и на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар.

Музичката сила, енергијата која извира од неговата музика го прават делото да ги надмине бариерите на времето, и на свој начин, навраќајќи се наназад, како во средниот век според содржината на манускриптите (пронајдени во манастир во јужна Германија), така и неколку децении наназад, преку изразот кој не отстапува од тоналноста, и да го направат делото засекогаш бесмртно во пантеонот на најголемите музички творби воопшто напишани.

Скопје последен пат уживаше во спектаклот, на 16 октомври, 2024, за отварање на новата сезона на НОБ, а раководството, тогаш собра импресивни домашни и интернационални имиња кои беа дел од овој спектакл. Публиката во НОБ, која за среќа, се фокусираше на сцената, а не на мобилните телефони, и знаеше кога да аплаудира, уживаше и беше маѓепсана од изведбата на врвните оперски солисти: Наде Талевска (сопран), Благој Нацоски (баритон) и Денис Димоски (контра-тенор), како и од балетските солисти: Марија Кичевска Шокаровска, Христина Наќевска, Наташа Трендафилова Гицев, Франциско Хименез Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија) заедно со  хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

Диригент на претставата беше Иван Еминовиќ, кореографијата и либретото на Кан Арслан од Турција, сценографија на Миодраг Табачки (Србија), костимограф на балет, Гизем Бетил (Турција), костимограф на опера, Елена Дончева, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ, концерт–мајстор е Верица Ламбевска, а репетитори на балетот беа: Горан Божинов, Володимир Борисов (Украина), Кире Павлов,  Дафина Данилоска Кочевска, Саша Евтимова, Бобан Ковачевски.

Фото: М. Угарковиќ