Зошто Ердоган го забрани бројот 128?


Претседателот немаше добар одговор за тоа каде исчезнале 128 милијарди долари од централната банка, па едноставно го забрани споменувањето на бројот

 

Зошто турскиот претседател Ердоган го забрани бројот 128? Неколку германски медиуми ја растеруваат маглата што го покренува ова навидум апсурдно прашање. А во својата колумна во ФАЦ, турскиот новинар Булент Мумај потсетува на други смешни забрани од турската историја. Но, да почнеме со бројот 128.

Реџеп Таип Ердоган всушност забрани опозициска кампања насочена кон тој број. Станува збор за девизните резерви на турската централна банка во износ од 128 милијарди долари, кои според опозициската Републиканска народна партија едноставно исчезнале – без никакво образложение. Сепак, според Ердоган, кампањата била „лага и фалсификат, од почеток до крај“.

Со недели, опозицијата во Турција поставуваше плакати со прашањето „Каде се 128 милијарди долари?“. Опозициските политичари велат дека девизната резерва е тајно продадена преку размена на зделки со трети земји, вклучувајќи го и Катар, а Турција дури зела и дополнителни 60 милијарди долари заеми – сето тоа надвор од очите на јавноста. Притиснат до ѕидот со фактите, претседателот Ердоган даде јавна изјава, велејќи дека „парите не се потрошени ниту нечесно и неправедно влегоа во нечиј џеб“. Ердоган вели дека девизната резерва е мобилизирана да ги покрие трошоците за пандемијата и девизните потреби на земјата. „Ова, и многу други пари, се во оптек меѓу бизнисите и граѓаните на земјата. Тоа е, тие само ја сменија својата локација. Но, на крајот, најголемиот дел од парите останаа во границите на нашата земја“, рече Ердоган, цитиран од ДПА.

Кампањата со постерите логично го налути претседателот, кој нареди да се забрани како навреда за шефот на државата. На полицијата ѝ е наредено да ги отстрани плакатите и да ја истражи опозицијата. Последователно, беа отстранети новите постери на опозицијата, кои паметно ја заобиколија забраната со преформулиран текст: „А каде е половина од 256?“. На осум пратеници од опозицијата им се закани дури и откажување на имунитетот во текот на постер кампањата.

Во својата колумна на ФАЦ, турскиот новинар Булент Мумај објаснува зошто Ердоган бил револтиран од прашањето за 128 милијарди американски долари: „Колку поавторитарен е Ердоган, толку потешка станува кризата во турската економија. Нашите паричници страдаат на ист начин како што страда нашата демократија. Турција порано беше сјајна ѕвезда во Европа со својата млада популација, но денес е во канџите на безнадежноста. Стапката на невработеност наскоро ќе достигне 30%, а 88 отсто од луѓето веруваат дека сме во економска криза. (…) Резултатите се видливи на улиците. Толпи луѓе се собираат кога земјоделците делат компири или кромид на оние кои имаат потреба“.

До истиот заклучок дојде и Патрик Дикман, автор на обемна анализа на економската криза во Турција, објавена од информативниот портал „Т-онлајн“.

Дикман се осврна и на анкетите, истакнувајќи дека популарноста на Ердоган опаѓа и дека неговата Партија на правдата и развојот има поддршка од само 40% од Турците. „Сето ова постепено станува проблем за лично Ердоган. Неговата моќ и популарност меѓу населението се потпираа на два главни столба: религијата и економијата. Оваа стратегија долго време носеше успех затоа што турската економија рапидно растеше во текот на последната деценија. Ова им овозможи на луѓето значително поголем просперитет, а на Ердоган благодарност. Многу Турци гласаат на изборите главно заради нивната економска состојба и сега овој факт почнува да дава негативни ефекти. Зголемената сиромаштија ѝ штети на владејачката Партија на правдата и развојот“.

Поради ова сосем е разбирливо зошто Ердоган го забрани бројот 128, пишуваат германските медиуми. И во својата колумна, Булент Мумај се враќа во турската историја на други апсурдни забрани. „Земјата во која живееме доживеа неколку чудни забрани низ нејзината историја. Султанот Абдул Хамид Втори (кого Ердоган особено го цени) ги забрани, на пример, зборовите ‘правда’ и ‘слобода’“. Абдул Хамид, кој беше одговорен за најголемите територијални загуби во историјата на Отоманската империја, не им дозволи на весниците да го користат зборот „нос“. На овој начин, султанот ги одвратил оние критичари кои, поради забраната за споменување на неговото име, пишувале за него, користејќи го неговиот познат голем нос како идентификација.

Околу еден век подоцна, во 1982 година, воената хунта одржа референдум за нов устав исто така под забрана: овој пат беше забранета сината боја. Во белото поле на гласачките ливчиња, гласачите можеа да го стават својот знак за поддршка на уставот, а во синото поле – против. Така, војската не сакаше да види никаде повеќе сина боја на друго место, па дури и забрани весници да користат сина боја, пишува турскиот новинар Булент Мумај на веб-страницата на ФАЦ. (Дојче веле)