Од денес слободно движење меѓу Косово и Албанија
Тирана – Денеска стапи во сила договорот за слободно движење меѓу Косово и Албанија, кој им овозможува на граѓаните на двете земји да ја преминуваат границата без пасош или лична карта поголемиот дел од годината.
-Врз основа на овој договор, граничните контроли нема да се вршат за косовските и албанските возила, овозможувајќи брзо и неограничено движење. Олеснувањето на процедурите се спроведува во текот на девет месеци од годината, поточно од 1 мај до 30 септември и од 1 ноември до 28 февруари следната година. Во месеците март, април и октомври се спроведуваат редовни контроли со исклучок на викендите и официјалните празници на двете земји, објави АТА.
Овој начин на минување на границата, наведува агенцијата, има за цел да го забрза патувањето меѓу двете земји, со отстранување на проверките на документи за граѓаните што ја преминуваат границата и е чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и подлабоката интеграција меѓу Косово и Албанија.
Освен најфреквентниот граничен премин „Морина“ и преминот „Ќаф Пруш“, опфатени се и премините во подрачјето на Гора, кај селата Шиштавец, Борје и Орѓошт.
Исто така, отворени се и 22 премина од регионален карактер за жителите на селата што се наоѓаат во близина на границата, што го олеснува минувањето за оние што живеат во радиус од 30 километри од границата.