Предвремените избори во Косово распишани на 7 јуни
Вршителката на должноста претседателка на Косово, Албула Хаџиу, ги распиша предвремените парламентарни избори во земјата на 7 јуни. Одлуката уследи по состанокот на кој лидерите и претставниците на политичките партии во Косово разговараа за одредување на датумот на изборите.
Изборите следуваат откако парламентот не успеа да избере нов претседател на државата во предвидениот рок. Законодавниот дом на Косово имаше рок до полноќ на 28 април да избере нов шеф на државата бидејќи мандатот на претседателката Вјоса Османи истече на почетокот на април. Бидејќи тоа не се случи, парламентот се распушти.
Косово оди на нови избори, парламентот не успеа да избере нов шеф на државата
Ова ќе бидат третите парламентарни избори во Косово во рок од 18 месеци, по оние во февруари и декември 2025 година. Аналитичарите предупредуваат дека системската и институционална криза во која се наоѓа Косово ги забавува клучните реформи и создава траен финансиски трошок за државниот буџет, без јасна гаранција дека новите избори ќе донесат политичка стабилност.
Европската Унија денеска изрази жалење за политичката ситуација во Косово.
„Постојано ги повикуваме сите политички актери да обезбедат институционална стабилност. Жалиме што политичките партии не се обединија околу еден кандидат за претседател, што значи дека Косово сега оди на третите избори за помалку од 18 месеци“, се наведува во писменото соопштение на прес-службата на ЕУ.