Зонското паркирање стигнува во Реонски центар, Аеродром – поставени табли кај Т.Ц. „Лиса“


 

Информативни табли за зонско паркирање поставени се во Реонски центар во Општина Аеродром, а наскоро се очекува и почеток на наплаќањето за паркирање.

Таблите се поставени покрај недоизградената црква „Света Софија“, во која деновиве се забележани активности за продолжување на градбата.

Паркингот се протега по должина на булеварот „Видое Смилевски – Бато“, односно од ПСС и околу недовршениот парк „Радост“ до автопералните, пред кривината.

На тој потег има неколку маркети, но и станбени згради.

Таблите се покриени со црни најлони, но од едната ѕиркаат дел од информациите, па може да се забележи дека час паркирање ќе изнесува 25 денари. На тој паркинг има десетина хаварисани возила, кои треба да се отстранат, а според најавите од Општината кога го најавуваа зонското паркирање, тие треба да бидат отстранети за да се отвори простор за возилата кои ќе се паркираат на час.

Зонското паркирање во Реонски центар и Ново Лисиче беше најавено од претходниот градоначалник Тимчо Муцунски, а го спроведува в.д. градоначалникот Дејан Митески, по претходна анкета на жителите.

Аеродром најави дека процесот ќе се одвива преку транспарентна постапка и со вклученост на јавноста, дека „Градски паркинг“ ќе спроведе кампања преку која ќе ги информира жителите за придобивките од зонското паркирање, а дека паралелно ќе се спроведува и теренска анкета преку која граѓаните ќе можат да го кажат својот став за предложената иницијатива за регулирање на паркирањето во овој дел од општината.

„На барање на граѓаните од овој дел од Аеродром и преку транспарента постапка и со вклученост на јавноста, по завршување на анкетата очекуваме да почне реализацијата на проектот со кој конечно ќе се регулира паркирањето во овој дел од општината, чекор што ќе овозможи нови паркинг-места, бесплатно и сигурно паркирање за станарите и со тоа ќе се стави крај на проблемите со недостаток на паркинг-места и узурпирање на паркингот од стари и хаварисани возила“, соопштија тогаш од Општината.

Според резлтатите од анкетата, тврди општината, најголемиот дел од граѓаните, односно околу 75 отсто, позитивно се изјасниле на иницијативата на Општина Аеродром за ставање ред во паркирањето.

Сепак, некои од граѓаните тврдеа дека ниту виделе анкетар, ниту до нив стигнала анкета за да можат да го дадат своето мислење за планираното воведување зонско паркирање.

Дел од нив сметаат дека во овие населби не треба да има зонско паркирање, затоа што нема големи трговски центри, туку само згради со станови за живеење, па не гледаат оправданост во воведување зонско паркирање.

Сепак, на потегот каде ги забележавме веќе поставените информативни табли постојат повеќе маркети и трговскиот центар „Лиса“.(Б.Б.)