Златко Јовановски дизајнираше тоалета за Цеца: Веруваше на мојата креативност

Викендов српската фолк дива Цеца ја заврши својата летна турнеја, со концерт во Србија, во блескава секси креација од монистри, срма и рачно везени апликации -со потпис на македонскиот бренд “JZJ by Zlatko Jovanovski – Couturier”. Цеца е актуелна како дел од жирито во новата сезона на музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“.
Јовановски, со ателјеа во Скопје и во Тетово со своите деликатни, сексапилни и драматични венчаници и вечерни тоалети ги освои невестите и дамите од регионот и стигна до Холивуд, благодарејќи на поп-ѕвездата Ава Макс која позираше во негова раскошна тоалета за насловницата на „HER WORLD MAGAZINE” . Креацијата беше од шоурумот за сценска мода во Лос Анџелес. Претходно, од овој шоурум стилисти избраа креација на Јовановски за манекенките кои глумеа во краткометражниот моден филм на поп-ѕвездата Тајга, поранешното момче на најмладата милијардерка Кајли Џенер.
-До соработка со балканската дива Цеца дојде поодамна кога нејзината стилистка ме контактираше за да дизајнирам нешто специјално за неа. Јас прашав во кој правец да дизајнирам, и ми кажаа дека Цеца ги видела моите креации, и се допаѓа се што правам и она би сакала нешто по моја имагинација“, ни изјави Јовановски.
Со 70% готова креација бил на проба во Белград.
-Таму ги дефиниравме украсите и деталите. На пробата владееше многу пријатна атмосфера и одлична соработка. Морам да додадам дека Цеца иако е едно огромно име на Балканот, е многу кул и бескрајно професионална.После тоа, креацијата ја финиширавме тука во моето ателје, и и ја пративме за Белград, ни објасни Златко кој летово имаше многу работа и кој планира конечно да отиде на одмор.(Л.С.)

