„Златен објектив“ на Кинотеката годинава за светло-мајсторот Петар Богоевски

Наградата „Златен објектив“ која Кинотеката им ја доделува на филмски автори и културни работници кои придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија, оваа година ќе му припадне на светло-мајсторот Петар Богоевски (1952).
Управниот одбор на Кинотеката ја донел оваа одлуката заради деценискиот ангажман на Богоевски кој „работејќи со своите колеги – директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли“.
-Петар Богоевски професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ каде што го минува сиот свој работен век, вклучен во проекти од секакви филмски родови и жанрови. Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови, соопшти Кинотеката.
„Златниот објектив“ на Богоевски ќе му биде врачен во Кинотеката во вторник, 29 април – датумот на кој во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.
Добитници на ова признание досега беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.