Зимската бура во Газа урна 17 згради и уништи повеќе од 42.000 шатори


Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) објави трагични податоци за последиците од бурата Бајрон, која ја погоди Газа во последните денови и уништи повеќе од 42.000 шатори и погоди 235.000 луѓе.

„Месеци војна и раселување ги принудија луѓето во Газа да живеат меѓу урнатини што се рушат, во импровизирани засолништа или во трошни шатори. Иако бурата Бајрон, која ја погоди Газа од 10 декември, беше природна катастрофа, нејзините ефекти се предизвикани од човекот“, соопшти UNRWA.

Се проценува дека 17 згради се урнале, а повеќе од 42.000 шатори или импровизирани засолништа претрпеле целосна или делумна штета помеѓу 10 и 17 декември, погодувајќи најмалку 235.000 луѓе, според Кластерот за засолништа во Газа.
Газа беше погодена и од силна зимска бура минатиот викенд, која ги зголеми веќе огромното страдање на населението предизвикано од израелската инвазија и блокада.

Најмалку 15 лица, вклучувајќи три бебиња, починаа овој месец од хипотермија по дождовите и ненадејниот пад на температурите, соопштија властите во Газа.

Вработените во службите за итни случаи предупредија да не се престојува во оштетените згради поради ризикот од уривање, но со оглед на тоа што поголемиот дел од територијата е претворен во урнатини по немилосрдното и континуирано израелско бомбардирање, опциите за сместување се исклучително ограничени.

Проценките на Обединетите нации од јули покажуваат дека речиси 80 проценти од зградите во Газа се уништени или оштетени. Од почетокот на прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, 414 лица се убиени, а 1.142 се ранети, додека вкупниот број на палестински жртви достигна најмалку 71.266, според Министерството за здравство.

Хуманитарните организации предупредуваат дека испораките на помош во Газа се значително зад износите предвидени со прекинот на огнот. Израелското воено тело кое ја надгледува хуманитарната помош соопшти дека 4.200 камиони со помош влегле во Газа во изминатата недела, заедно со санитарна опрема и зимски залихи, но одби да го прецизира точниот број на доставени шатори.

Хуманитарните организации нагласуваат дека постојните залихи не можат да ги задоволат огромните потреби.

Откако прекинот на огнот стапи на сила, приближно 72.000 шатори и 403.000 церади влегле во Газа, според „Шелтер кластер“, меѓународна хуманитарна коалиција предводена од Норвешкиот совет за бегалци.

„Луѓето во Газа преживуваат во кревки, натопени шатори и меѓу урнатините. Нема ништо неизбежно во ова. Испораката на помош не е дозволена во обемот што е потребен“, рече Филип Лазарини, генерален комесар на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци, на социјалните мрежи.