„Живеам извонреден, необичен живот“. Меланија Трамп напиша мемоари


Лос Анџелес – Поранешната американска прва дама Меланија Трамп оваа есен ги објавува мемоарите под наслов „Меланија“. Ова се први мемоари на Трамп, која во голема мера е отсутна од очите на јавноста додека нејзиниот сопруг Доналд Трамп бара враќање во Белата куќа.

Тоа е „моќна и инспиративна приказна за жена која сама си го трасираше патот, ги надмина сите неволји и ја дефинираше личната извонредност“, соопшти нејзиниот кабинет.

Книгата „Меланија“ ќе ја објави издавачката куќа „Скајхорс“, која веќе ги објави мемоарите на поранешниот градоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани – поддржувач на Трамп и адвокатот Алан Дершовиц. „Скајхорс“ работеше и со независниот претседателски кандидат Роберт Кенеди Џуниор и поранешниот советник на Трамп – Мајкл Коен, кој на крајот стана еден од неговите најжестоки критичари.

Поранешната прва дама „ги поканува читателите во својот свет, нудејќи им интимен портрет на жена која живеела, и сè уште живее, извонреден, необичен живот“, стои во најавата на книгата. „Меланија“ е полна со лични приказни и семејни фотографии коишто таа никогаш не ги споделила со јавноста.

Кабинетот на Меланија Трамп не соопшти точен датум на објавување и не соопшти дали книгата ќе излезе пред претседателските избори на 5 ноември.

Меланија Трамп, третата сопруга на Доналд Трамп, е загадочна личност и привлекува внимание откако нејзиниот сопруг ја почна првата кампања за Белата куќа во 2016 година. Таа отсекогаш внимателно ја чувала својата приватност, дури и како прва дама, сосредоточувајќи се на воспитувањето на нејзиниот син Барон и на иницијативата „Биди најдобар“ за „социјално, емоционално и физичко здравје на децата“. Годинава таа присуствуваше на настанот пред почетокот на претседателската кампања на нејзиниот сопруг и на минатонеделната Републиканска национална конвенција, но главно се држи настрана од претседателската кампања, па спротивно на традицијата – не одржа ниту говор на Конвенцијата.