Жителите на Трнодол ја бранат населбата од ДУП


Жителите на населбите Трнодол и Жданец изготвија протесна претставка што вчера ја доставија до градоначалникот и до советниците на Општина Карпош, со која се противат на начинот на кој погрешно во јавноста се интерпретира предлог-деталниот урбанистички план за оваа локација, кој целосно го отфрлаат.

– Веруваме дека ќе се најде прифатливо решение и ќе се надмине моменталното недоразбирање, во спротивно ќе ги браниме нашите граѓански интереси пред повисоки инстанци – велат жителите на Трнодол и Жданец.

Во граѓанската претставка тие велат дека се незадоволни од предложениот нов ДУП за Трнодол, за дел од Козле и за Шпанско село со кој се планира нова градба, која според нив е несоодветна по својот габарит на квалитетот на земјиштето, кое е подложно на ерозија и лизгање.

Жителите на овој дел од градот не сакаат исто така да се попречува улицата за пристап кон населбата, односно да се затвори постојната улица. Според нив, со новото решение само се комплицира влезот и излезот од населбата кој се пренасочува околу новата парцела за да биде преку улицата за влез и излез во населбата Жданец, па оттаму да се овозможи приклучување на улица „Козле“.

– Со ова максимално се усложнува пристапот и во двете населби, безбедноста на сообраќајот е сведена на нулта ниво, не само од аспект на автомобили, туку и посериозно, од аспект на интервентни и сервисни возила и при временски непогоди и природни катастрофи – велат жител на населбата.

Дополнително, во населбата сметаат дека со новопроектирана сервисна улица, која е дел од постојната улица „Трнодол“, преку дел од постојната „Лесновска“ до вкрстувањето со „Презвитер Константин“, делот од оваа улица, па сè до приклучувањето на Јужна обиколница Водно, се формира нова сервисна улица која ќе поминува низ населбата Трнодол. Воедно, се предвидува и поврзување на Шпанско село преку Јужна обиколница Водно со оваа сервисна улица.

– Ваквото решение во моментот не е ниту економски функционално ниту оправдано, особено имајќи предвид дека се работи за обиколница која е предвидена пред 90-тите години од минатиот век, вели жител на населбата.

Со ваквото решение, имено, населбата Трнодол се пресекува со сообраќајница и се отвора за проток на возила од Шпанско село и од населбата Козле, што е апсурдно од аспект на постојната функционална поставеност на населбата, сметаат граѓаните.

Жителите не се согласуваат и со предвиденото зголемување на катноста на објектите затоа што на тој начин ќе се зголеми густината на населението и на сообраќајот, ќе се оптовари постојната инфраструктура, ќе се намали протокот на свеж воздух од Водно низ населбата и во долниот дел од скопската котлина.

Пред неколку дена обидот да се одржи јавна презентација на новиот ДУП пропадна со оглед на тоа што беше закажана среде лето, во период на користење на летни годишни одмори и во време на портокалова алертна фаза заради топлотниот бран, каде што во несоодветни просторни услови беа собрани заинтересираните жители за кои немаше доволно место.

Расправата се одложи за септември, а жителите тоа го сметаат за нова можност за преиспитување на ДУП. Но, нивните забелешки остануваат исти и очекуваат да бидат прифатени бидејќи сметаат дека секоја општина треба да се грижи за задоволството на нејзините граѓани.

– Кај таканаречениот „чатал“, помеѓу патот за Трнодол и патот за Жданец, нема да има зграда туку парк. Со предложениот ДУП, патот за Трнодол останува и понатаму ист. Мостот е предвиден со регулацискиот план на Град Скопје и ние сме должни него да го преземеме во нашиот ДУП, но патот за Трнодол не се менува. Ниту каналот ќе се затвори, ниту на ова место ќе се гради зграда, ниту патот за Трнодол ќе се затвори – тврди градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Билјана Богдановска