Се отстранува застаклен објект без дозвола на ул „Железничка“, сообраќајот во хаос


Инспекциските служи на Општина Центар денеска отстранија застаклен објект на државно земјиште кој не поседува одобрение за поставување времени објекти. Како што информираат од Центар станува збор за објект на улицата „Железничка“.

За таа цел, на првата лента од еднонасочната улица има паркирано сервисни и градежни камиончиња. Работат десетина работници, а ги чува полиција. 

Тротоарот е ограден со лента, па не може да се поминува. Пешаците кои поминуваат и по онака лошиот тротоар од страната на рентген „Толовски“ кон „Љуц“, буквално мора да се движат во втората коловозна лента, да внимаваат да не ги собере некое возило од назад. За поминување со велосипед, не помислувајте. Тоа тешко може да го направите и кога не се врши уривање на бесправен објект. 

Оваа улица е прометна, и е во центарот на Скопје. Ги поврзува Центар, односно Клиничкиот центар со Кисела Вода. Со оглед на тоа што објектот „Лимак“ се гради повеќе години, спротивниот тротоар е многу тесен, поради металните заштитни огради. Од другата страна, плочникот е потполно нерамен, а тука е и дрворедот, како и огромни 

Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека законските прописи мора да ги почитува секој во општината.

– Сите диво поставени објекти, доградби тераси, платформи без одобрение ќе бидат отстранети. Апелирам до граѓаните да не си ги трошат парите на инвестиции кои во иднина ќе бидат отстранети на нивна сметка. Денеска се отстранува овој објект кој е со димензии 3.80 x 2.20 метри, но и други нелегално изградени објекти како дрвена платформа и челична настрешница на улица Црвена Вода бр. 4 близу „Броз кафе“, метална врата на улицата „Мајаковски“ во Дебар Маало која беше поставена на државно земјиште, истакна Герасимовски.

За утре тој најави дека инспекциските служби ќе извршат отстранување помошен објект – гаража на улица „Кеј 13 Ноември“, како и доградба на тераса и метална врата на улица „Дебарца“.

Од Центар тврдат дека општинските инспекциски служби ќе продолжат со спроведување на зачестени инспекциски контроли со цел почитување на законите и решавање на проблемите на граѓаните.