Зголемена потрошувачката на вода за пиење во вечерните часови во Штип


Високите дневни температури деновиве ја  зголемија потрошувачка на вода во Штип, покажуваат анализите на Филтер станицата во Штип.

Раководителката на Филтер станица при ЈП „Исар“-Штип, Тања Глигорова вели дека најголема потрошувачка има во вечерните часови кога се наводнуваат и бавчите. Филтер станицата, како што додава, располага со доволно вода за да се покријат потребите на граѓаните на екстремно високи температури овој период од годината.

-Со зголемување на температурите бележиме и зголемување на потрошувачката на вода. Во овој период минималната потрошувачка на вода е во утринските часови и изнесува некаде околу 110 литри во секунда, просечната потрошувачка е околу 180 литри во секунда, додека пак максималната потрошувачка на вода ја бележиме во попладневните часови и таа достигнува до 250 литри во секунда, изјави Глигорова.

Инаку, Штип се снабдува со вода за пиење од Хидросистемот (ХС) „Злетовица“. Таа посочи дека Филтер станицата располага со капацитет од 300 литри во секунда, што значи дека нема простор за загриженост дека повисоките зони од градот ќе останат без вода за пиење. Апелот и овој период од годината останува исти, граѓаните рационално да ја користат водата за пиење.

-Постојано се следи водоснабдувањето, филтер станицата располага со капацитет од 300 литри во секунда, но останува апелот за рационално користење на водата, подвлече Глигорова.