Земјотресот во Турција ја тресе и фотелјата на Ердоган


Најсмртоносниот земјотрес во Турција во една генерација му донесе на претседателот Реџеп Таип Ердоган огромен предизвик за спасување и реконструкција што ќе ги засени претстојните избори во мај, кои за него можат да бидат најтешките од неговите две децении на власт. Еден ден откако се случи земјотресот, во кој загинаа илјадници луѓе во Турција, опозициските партии и некои жители во најтешко погодените области се пожалија дека властите се бавни или недоволно опремени да реагираат на катастрофата.

Секоја перцепција дека владата не успева правилно да се справи со трагедијата или дека не спровела соодветни градежни правила во земја подложна на земјотреси, може да им наштети на изгледите на Ердоган на изборите.Говорејќи само неколку часа по земјотресот во понеделникот, кој тој го опиша како најлошиот што ја погодил Турција во повеќе од 80 години, Ердоган рече дека илјадници спасувачи веќе се мобилизирани и дека нема да бидат поштедени напори во суровите зимски услови. сепак, при посетата на еден од погодените региони потоа призна дека имало извесни пропусти во првичните напори за справување со последиците од земјотресот.

Трошоците за реконструкција веројатно ќе достигнат многу милијарди долари, оптоварувајќи ја економијата веќе погодена од инфлација од 58%.Штетите во регионот во кој живеат 13 милиони луѓе се очекува да го спречи економскиот раст оваа година, велат економистите.Обемот на штетата, низ стотици километри и кој ќе погоди милиони луѓе и нивните домови, „целосно ќе ги ресетира“ економијата и политиката на Турција, вели Атила Јесилада од Global Source Partners.

Сè уште не е јасно дали би можеле воопшто да се одржат избори во најтешко погодените региони. Политичките противници на Ердоган не брзаа да направат политички капитал веднаш по земјотресот, бидејќи луѓето остануваат заробени под зградите, а бројот на жртвите се зголемува.Но, Угур Појраз, генерален секретар на централно-десничарската националистичка партија ИЈИ, изјави дека ги обиколил сериозно погодените области и од вторникот наутро не видел спасувачки работници.

„Дефинитивно нема професионална координација за помош“, изјави тој за Ројтерс. Граѓаните и локалните екипи сами се приклучуваат на спасувачките операции за да ги спасат луѓето во урнатините.

Властите велат дека повеќе од 12.000 лица за пребарување и спасување и уште 9.000 војници се во акција.

„На тесни избори, одговорот на владата на вонредната состојба може да ги поколеба клучните гласачи, иако веројатно нема да ги поколеба посветените поддржувачи на која било страна“, вели Хаснаин Малик, експерт од Дубаи.

„Одговорот на владата на Ердоган на оваа природна катастрофа може да го обликува ставот на неопределениот гласач, но лојалноста на повеќето гласачи е веќе одредена“.