Земјоделците бараат интервентна субвенција за пченицата и јачменот

Производствените цени се поголеми од откупната цена на житото


 

БИТОЛА – Откупната цена на јачменот и пченицата ги загрижува земјоделците оти не им ги покрива производните трошоци.

Според земјоделците, производствената цена на пченицата е зголемена за 2 до 3 денари по килограм и се движи од 17 до 20 денари. Нивните пресметки велат: при низок просечен принос од 3.500 килограми жито по хектар, производствена цена цена изнесуваше 17 денари. Со новите поскапувања, таа надминува 20 денари за килограм. При принос од 4.000 килограми по хектар, производствената цена изнесуваше 15 денари, а сега реално изнесува околу 17 до 18 денари за килограм.

Земјоделецот Даниел Пејчиновски вели дека цената се кажува пред да почне жетвата.

„Сега го дадовме јачменот, колку сакаат толку ќе ни платат, си играат како сакаат со земјоделците, ама ќе го видат револтот на следните парламентарни избори“.

Жетвата на јачеменот е во тек во повеќе региони од државата, додека жетвата на пченицата ќе започне час поскоро. Земјоделците бараат државата да излезе со јасна пресметка колку чини килограм жито, а од Министерството за земјоделие велат дека цената на житото зависи од пазарните услови.  

Претседателот на здружението „Фармери Југозапад“, Миле Кебакоски вели дека во многу млинови има пченица од ланската реколта.

„Главен проблем е увозот на брашно од Србија. Нека има времена забрана за увоз, да се истроши нашата пченица и брашно, па потоа нека се увезува. И така ние немаме доволно количини за да ги задоволиме потребите“, смета Кебакоски. 

Националната земјоделска мрежа во име на земјоделските производители од целата држава, бара јавна реакција од надлежните по повод моменталната состојба со откупот на пченицата и јачменот од жетвата 2026 година. Од НЗМ велат дека врз основа на деталните анализи на производните трошоци изработени од страна на земјоделци, констатирано е дека моменталната пазарна откупна цена на житото е драстично пониска од трошоците неопходни за производство на еден килограм пченица и јачмен.

Образложението е дека со оглед на зголемените цени на репроматеријалите (ѓубрива, заштитни средства), горивото и работната рака, ваквата состојба директно ги носи земјоделците во загуба и го загрозува опстанокот на нивните стопанства. Дополнително зголемени се и трошоци за ѓубрива и енергенси за 50%.

„Бараме, итна исплата на основните субвенции како и дополнителна премија. Поради нерентабилноста, бараме Владата и МЗШВ да донесат одлука за исплата на дополнителна директна поддршка (интервентна премија) по килограм предадена пченица и јачмен во регистрирани откупни центри, со цел да се покрие разликата до прагот на економска одржливост“, велат во реакцијата на НЗМ, чиј претседател е Ѓорги Каракашев.

Понатаму во барањето стои – доколку пазарната цена продолжи да стагнира, да се активираат механизмите за интервентен откуп преку Агенцијата за стокови резерви, по цена која ќе ги покрие производствените трошоци и ќе овозможи минимален профит за земјоделецот.

Бараме итна средба со министерот за земјоделство во рок од три работни дена, на која ќе ги презентираме нашите прецизни калкулации на трошоци и ќе преговараме за моделите на интервенција, велат од НЗМ.

„Пченицата и јачменот се стратешки култури од национално значење и основа за прехранбената безбедност на државата. Доколку земјоделците не бидат заштитени денес, ризикуваме напуштање на обработливите површини и зголемена зависност од увоз, што на среден рок ќе чини многу повеќе од сегашната субвенција“, потенцираат од НЗМ.

Од Министерството за земјоделство за медиумите велат дека цената ја одредува пазарот, државата може да реагира во одредени ситуации. Во МЗШВ е одржана седница на Потсекторската постојана група за жита, на која биле разгледани очекуваните приноси на пченица и јачмен по региони, како и тековните состојби на пазарот.

„Висината на откупната цена на пченицата и јачменот се формира согласно пазарните услови. Законот за земјоделство и рурален развој предвидува доколку има потреба државата да интервенира на пазарот преку мерки, вклучително и интервентен откуп и утврдување интервентна цена, во услови на пазарни нарушувања, со цел стабилизација на пазарот и заштита на земјоделските производители“, велат од МЗШВ и напоменуваат дека на располагање на производителите е мерката за складирање на пченица и јачмен во сместувачки капацитети, во периодот од 15.06.2026 до 15.09.2026 година.