Земјите од ЕУ ја одложуваат одлуката за климатската цел за 2040 година

Одлуката за климатската цел на Европската Унија за 2040 година, планирана за следната недела, е одложена, објави данското претседателство со ЕУ денеска.
Овој потег дојде откако германскиот министер за животна средина Карстен Шнајдер се откажа од своето барање министрите за животна средина на ЕУ да одлучат за целта овој месец.
ЕУ претходно си постави цел да стане климатски неутрална до 2050 година.
Во јули, Европската комисија предложи да се намалат емисиите на стакленички гасови што ја оштетуваат климата за 90 отсто до 2040 година во споредба со нивоата од 1990 година, за да се продолжи патот на блокот кон климатска неутралност.
Новата цел ќе ја замени сегашната цел за 2030 година, според која емисиите треба да се намалат за 55 проценти во споредба со нивоата од 1990 година.
И земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент мора да се согласат со новата цел. Се очекуваше земјите од ЕУ да го формализираат својот став следната недела пред да започнат преговори со парламентот за деталите од законот.
Сепак, одлуката беше одложена откако неколку земји изразија желба лидерите, а не министрите за климатски промени, да се занимаваат со ова прашање, соопшти данското претседателство на ЕУ, кое во моментов е задолжено за организирање состаноци на министрите на ЕУ.
Се очекува лидерите на ЕУ да разговараат за новиот закон за климатски промени на самитот во октомври.