Зеленски во важен момент го разреши командантот на армијата. Објавено кој ќе го замени
За главен командант на армијата е именуван генералот Олександр Сирски, поранешен командант на копнените сили на украинската армија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши Валериј Залужни, врховен командант на украинската армија. Зеленски на социјалните мрежи објави заедничка фотографија на која се ракува со генералот Валериј Залужни.
Ова е најзначајната промена во украинското воено раководство од рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година. Оваа промена во военото раководство доаѓа во тешко време за Украина на линијата на фронтот, бидејќи војниците се соочуваат со сериозен недостиг на муниција.
„Се сретнав со генералот Валериј Залужни. Му се заблагодарив за две години бранење на Украина. Разговаравме за обновата што им е потребна на Вооружените сили на Украина. Разговаравме и за тоа кој би можел да биде дел од обновеното раководство на вооружените сили на Украина“, стои во соопштението на украинскиот претседател.
„Сега е време за такво обновување. Му предложив на генералот Залужни да остане дел од тимот. Дефинитивно ќе победиме! Слава на Украина“, најави Зеленски.
Кусо потоа, Зеленски објави дека го назначил генералот Олександр Сирски, поранешен командант на копнените сили на украинската армија, на позицијата што ја држи Залужни до ден-денес.
I met with General Valerii Zaluzhnyi.
I thanked him for the two years of defending Ukraine.
We discussed the renewal that the Armed Forces of Ukraine require.
We also discussed who could be part of the renewed leadership of the Armed Forces of Ukraine.
The time for such a renewal… pic.twitter.com/tMnUEZ3BCX— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) February 8, 2024
Кој е новиот командант на украинската армија? Мозокот зад офанзивата во Харков
Еве некои од најосновните информации за Сирски, клучна фигура во Украина за време на руската инвазија.
Сирски е роден во јули 1965 година во рускиот регион Владимир, кој тогаш беше дел од Советскиот Сојуз. Тој живее во Украина од 1980-тите. Како и многу негови врсници кои биле заинтересирани за воена кариера, студирал во Москва на Вишата воена командна школа. Дипломирал во 1986 година и служел пет години во Советскиот артилериски корпус.
Снежен леопард
Во 2019 година, тој станува командант на украинските копнени сили. Пред тоа, тој ги предводеше украинските трупи во регионите Доњецк и Луганск, кои се бореа против бунтовничките групи поддржани од Русија. Тогаш го доби военото име „Снежен леопард“, пишува Ројтерс.
Сирски ги надгледуваше некои од најголемите победи на Украина за време на руската инвазија. Тој ја водеше успешната одбрана на главниот град Киев во првите месеци од рускиот напад врз Украина, а во април 2022 година беше прогласен за Херој на Украина, највисока чест во земјата.
„Спијам четири и пол часа навечер“
Во јули 2022 година, тој планираше и изведе молскавична контраофанзива – бркајќи ги руските трупи од Харков и заземајќи некои области на исток и југоисток. На почетокот на минатата година ја предводеше одбраната на Бахмут, во една од најкрвавите битки во војната.
Што се однесува до неговиот личен живот, тој е семеен човек со две деца. Во една прилика за медиумите изјави дека спие четири и пол часа во текот на ноќта и дека се опушта со вежбање во теретана.