Зеленски предложи војната да се замрзнe на линијата на фронтот

На средбата со Трамп украинскиот претседател мора да предложи нешто за да се стигне до мир


 

За да ја заврши војната што ја започна во Украина, Владимир Путин побара да му бидат дадени неосвоените територии Донбас во замена за прекин на офанзивата во регионите Запорожје и Херсон. Володимир Зеленски одби да размени земјиште. Но, на состанокот со Доналд Трамп во понеделник, тој ќе треба да понуди нешто за да ја обезбеди поддршката на американскиот претседател во спорот со Кремљ.

Целта на Зеленски на состанокот во Белата куќа ќе биде да воспостави „продуктивен мировен процес во кој Украина нема да биде под притисок да преземе невозможни чекори, како што е повлекување на трупите“ од регионите Донецк и Луганск, изјави за „Фајненшeл тајмс“ висок украински функционер близок до украинскиот претседател. За да се постигне ова, рече тој, Зеленски би бил подготвен да направи „прифатлив компромис“ по сегашната линија на фронтот на кој Украинците би можеле да се согласат.

Во Вашингтон, Зеленски прво ќе се сретне со Трамп, а потоа ќе му се придружат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, финскиот претседател Александар Стуб и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Заедно, тие имаат за цел да го притиснат Трамп да формулира безбедносни гаранции што САД би биле подготвени да ѝ ги обезбедат на Украина, заедно со нејзините европски сојузници, за да се обезбеди одржување на мирот.

Зеленски може „веднаш“ да ја заврши војната ако се откаже од Крим и членството во НАТО, напиша Трамп пред состанокот на својата социјална мрежа Truth Social. Сепак, Путин не му кажа на Трамп за Крим за време на состанокот во Алјаска – барем, таква информација не беше соопштена. Зеленски рече: „Сите подеднакво сакаме брзо и сигурно да ја завршиме оваа војна. А мирот мора да биде долготраен. Не како што беше пред години, кога Украина беше принудена да се откаже од Крим и дел од нашиот Исток – дел од Донбас, а Путин го искористи ова едноставно како појдовна точка за нов напад“.

Безбедносните гаранции „мора да бидат навистина многу практични, да обезбедат заштита на копно, во воздух и на море, и мора да се развиваат со европско учество“, напиша тој на Икс.

Повлекувањето на трупите од регионите Донецк и Луганск би ја оставило Украина воено ранлива, бидејќи некои од нејзините најсилни одбрани се наоѓаат таму, велат поранешни американски функционери и воени експерти. Нивното отстапување „ќе ѝ овозможи на Русија повторно да нападне во иднина со многу поголема предност“, изјави за „Волстрит џорнал“ Дејвид Шимер од Факултетот за меѓународни и јавни работи на Универзитетот Колумбија, кој служеше во Советот за национална безбедност за време на администрацијата на Бајден.

Затоа секој договор мора да вреди колку хартијата на која е отпечатен, изјави за „Фајненшл тајмс“ висок украински безбедносен службеник:

Договорите функционираат само кога се поддржани од вистинска сила [како силата на НАТО]. Сите односи со Русија се засноваат на сила.

Киевскиот политиколог Володимир Фесенко верува дека состанокот во Алјаска бил „почеток на тактичка борба“ за Трамп: „Путин го влече на своја страна, а европските лидери, како Зеленски, се обидуваат да го вратат на страната на праведниот свет“.