Зеленски го назначи генералот Кривоношко за командант на военото воздухопловство

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го назначи генерал-полковник Анатолиј Кривоношко за командант на Военото воздухопловство на украинската армија.
– Военото воздухопловство на украинската армија се состои од илјадници наши луѓе и благодарение на нив украинското небо останува вистински наше. Тоа се професионални војници, технички тимови, ангажирани експерти, доброволци – голема и патриотска заедница која ја штити Украина. Тоа е нашата борбена авијација, противвоздушни ракетни сили и радиоинженерски сили. Три главни компоненти на безбедноста на украинското небо, истакна Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Тој нагласи дека еден од најголемите заеднички резултати е тоа што „Украина не им дозволи на Русите да доминираат на украинското небо“, оценувајќи дека тоа е плод на извонредна работа, херојство, посветеност и професионализам на многу Украинци.
Зеленски рече дека украинското Воено воздухопловство спроведува 20-годишна стратегија за развој, оценувајќи дека патот што го помина украинското воено воздухопловство „за време на годините на војната од големи размери“ е без преседан.