Завршува изградбата на конзолата во центарот на Штип, ќе се градат дополнително и две катни гаражи и една платформа


Во завршна фаза е изградбата на пешачката конзола од мостот кај Стопанска банка до мостот кај Градскиот плоштад „Слобода“, изјави денеска градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов. Тој истакна дека на овој дел ќе дојде до проширување на коловозот, со што ќе се овозможи побрз проток на сообраќајот, како и повеќе паркинг места.

Јорданов најави дека во 2025 година за зголемување на паркинг позициите во централното градско подрачје ќе се работи на три позиции. Две катни гаражи ќе се градат и тоа зад зградата на Општина Штип и едната кај зградата Промаја, додека платформа на реката Отиња ќе се гради кај Трговскиот центар.

-Со реализацијата на овие проекти ќе добиеме дополнителни 150 паркинг позиции во централното градско подрачје, во рамки на оваа 2025 година, вели Јорданов.

Прашан дали улиците „Васил Главинов“ и „Маршал Тито“ кои се од двете страни на коритото на река Отиња остануваат еднонасочни за сообраќај, Јорданов со потврден одговор и рече дека сообраќајната студија, која ја имаат, покажува дека еднонасочниот сообраќај треба да остане со цел да има побрз проток на возила, но и да има паркинг позиции низ центарот на градот.

Во централното градско подрачје на Штип има над 900 паркинг места, а со изградбата на новите паркинзи на три локации бројката ќе изнесува над 1 050.