Засега нема индиции дека пожарот во Тетово е подметнат
Моментално нема индикатори дека пожарот во тетовската модуларна болница е подметнат, рече во изјава за медиумите претседателот на државата, Стево Пендаровски. Како што додаде тој, слично прашање изутринава имал и во разговорот со словенечкиот претседател, Борут Пахор.
„Бидејќи имаше и такви шпекулации и словенечкиот претседател Пахор утрово ме праша исто…има шпекулации дека е можеби подметнато, дека има врска со 30 години независност, дека има некакви конспирации…до овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно со цел да се постигне некоја политичка цел“, рече Пендаровски.
Претседателот од Тетово порача дека македонската јавност заслужува брз и темелен одговор за синоќешната несреќа, а околу евентуалното барање за понесување одговорност апелираше да се почека неколку дена за да се видат првичните наоди од истрагата.

Последните информации што ги добил Пендаровски е и дека денеска, а можеби и најдоцна утре, ќе заврши обдукцијата на починатите за кои во овој момент не се знае точно кои се нивните идентитети.
„Затоа во текот на денешниот ден се повикани роднини на тие што лежеле тука да дадат крв и друг материјал за идентификација, кој ќе им помогне за побрзо да ја завршат таа работа, бидејќи идентификацијата на лицата, со оглед на ова што го гледате, ќе оди тешко. Не можете визуелно од прва да видите за кого станува збор“, рече Пендаровски.