Заразно совластие, заразен соживот


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Главен извор на актуелното ширење на вирусот не е соживотот, туку неговите изборни, но и чисто лукративни инструментализирања од страна на политичките и верските власти. Во Македонија веќе подолго време се прави опасно експлозивен амалгам меѓу овие две структури

 

Лесно е да се биде добар граѓанин тогаш кога сите околу се добри. Вистински подвиг да се биде доблесен тогаш кога мнозинството се разлошува. А деновиве мнозинството граѓани не само што се разлошува туку станува и злобно. Во обид да се лоцира одговорноста за тековниот пик или врв, заразата со корона вирусот од епидемолошки прераснува во социолошки и политички проблем.  Дијагнозите за неговите причини допираат до најневралгичната точка на општественото здравје на нашата држава – соживотот, граѓанскиот однос на едни кон други.

Денес и овде соживотот не се проблематизира поради некое важно, но сепак, странично прашање како, на пример, официјалниот јазик, знамето, химната или некоја друга културно-идентитетска вредност. Не. Денес соживотот се проблематизира со животот – „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, напиша во свој твит академик Катица Ќулавкова. Се разбира, не би било оправдано овој нејзин став да го земеме како репрезентативен став на самата МАНУ. Но, не треба ни да го баталиме како банален и да не се замислиме над неговите социолошки извори и политички пораки.

Тој став многу потсетува на ставот поради кој во не така далечната 2001 година падна тогашниот претседател на МАНУ, академик Ѓорѓи Ефремов. Непосредно пред тоа, весникот „Вечер“ ја објави статијата со наслов „Доброволна размена на територии и население меѓу Македонија и Албанија“. Во оваа статија, според самиот академик Ефремов, новинарот неосновано го претставил него како претседател на МАНУ, а со тоа и самата МАНУ како заговорници на политика за размена на територија и население меѓу Македонија и Албанија како решение за меѓуетничкиот конфликт кој ескалираше пролетта таа година. Оваа политика беше спротивна на политиката на соживот зад која стоеше официјалната политика од тој период. Под притисок на јавноста, академик Ефремов, со намера да го заштити угледот на МАНУ си поднесе неотповиклива оставка.

Во образложението на оставката тој истакнува дека како застапник на слободата на мислата и на говорот, нужно, ја зел предвид и ја размислувал и оваа идеја. Идејата се чинела исправна во ситуација кога одржувањето на животот станал поважен од одржувањето на соживотот, бидејќи како што вели: „Секојдневно гинат наши граѓани… ескалира оружената агресија врз нашата држава на илјадници и илјадници граѓани на Македонија, кога од принуда ги напуштаат своите родни огништа…“

Во тој проект тогашниот претседател на МАНУ не бил ниту осамен ниту прв. Пред него во јавноста за неа се заложиле истакнати имиња како „..Александар Тортевски, Тодор Петров, Блаже Ристовски и други“.  Во овој список не се споменува академик Ќулавкова. Но, историјата или ситуацијата и овој пат го создава својот јунак. Тој пак е во МАНУ и пак го проблематизира соживотот во името на животот.

Во актуелната ни ситуација, пред стравот од заразата и нелагодноста на карантинот илјадници наши сограѓани пак ги напуштија своите домови. И сега пак еден академик, додуша во  приватна комуникација, иако со новите социјални медиуми прашење е што е приватно, а што јавно, на Твитер ќе напише: „Цената на соживотот ја плаќаме со животот?” Политичката порака содржана во овој став е идентична со онаа на политиката за размена на територија и население. Но е литературно поетски формулирана, што доликува на професионалниот профил на академик Ќулавкова како наш еминентен писател. Соживотот е заразен! Овој модел на организација на македонското општество го заразува и го убива животот. Но, сега не само од идентитетски обѕири туку во буквална егзистенцијална смисла.

И навистина, наглото зголемување на бројот на заразените од Ковид-19 непосредно по 25 мај и официјално, од страна на Комисијата за заразни болести, се објаснува како последица на непочитувањето на препораките на здравствените власти за време на рамазанските празници. Неспорно е дека чувството на страв за животот завладува со граѓаните. Но, што е прво во дадената ситуација – стравот на граѓаните за животот или стравот на политичарите од загрозување на совластието?

Во нашиот случај, токму тактизирањето на учесниците во власта со спроведувањето на мерките заради остварување политички добивки е изворот на актуелното загрозување на соживотот. Токму совластието карактеристично за сегашната, но и за претходната пржинска влада го заразува сожителството, а тоа пак ги загрозува животите на сите. Клучен фактор во тоа е поклоничкиот однос на политичките совладетели кон религиските самовладетели. Заканите на реисот Реџепи, на пример, дека ако не добие пари од државата ќе ги отвори џамиите за верниците беше премолчен и покрај поднесената кривична пријава. Охрабрен дека никој не му може ништо, тој еден месец подоцна ќе го прогласи вирусот за умрен и дека тие како победници слободно ќе слават и ќе тераат ифтарски вечери! Совладетелите слично се однесуваа и кон саботажите на мерките од страна на високи верски лица од МПЦ, на пример, со попрскувањето со „света“ вода на улиците, со организирање литија и сл. И за едните и другите идејата за соживот е само плашт под кој ги кријат своите ситни сметки и етнонационални фрустрации.

Мнозинството граѓани во првите два месеци релативно дисциплинирано се придржуваше до препораките. Во тој период се истакнуваше дека вирусот нема етнички, верски или други човечки граници и преференции. Но, во моментот кога на сцена стапија изборните калкулации на совладетелите кон граѓанството почнаа да се упатуваат противречни пораки. Токму затоа, главен извор на актуелното ширење на вирусот не е соживотот како таков туку неговите изборни, но и чисто лукративни инструментализирања од страна на политичките и верските власти. Во Македонија веќе подолго време се прави опасно експлозивен амалгам меѓу овие две структури и тоа не само во врска со културните и верските навики на луѓето, туку и со нивното слободно време, па дури и во економијата како, на пример со производството на марихуана за медицински потреби, туризмот и друго.

Соживотот за овие содружници од интерес е одржлив сѐ додека носи сотрпезништво. Нема ли ќар од него нема ни иднина за него. Таквиот однос на политичките, верските и на академските елити кај обичниот свет продуцира еден ироничен став кон соживотот. Колку пати се слуша исказот за некој/а дека е од „сограѓаните“. А граѓанственоста е единствената социјална врска која може да го држи македонското општество како едно.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)