Западот создава голема коалиција за отпор по нападот на Трамп на Зеленски
Западните лидери градат нова дипломатска рамка за да се справуваат со настаните откако Белата куќа гради блиски врски со Кремљ

Се појавува нова коалиција на држави за да се справи со најголемата безбедносна криза што ја погоди Европа во последните децении, откако претседателот Доналд Трамп во средата целосно ги усогласи интересите на САД со Кремљ искажувајќи бурни тиради против украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого го нарече „диктатор“.
Новата групација ја сочинуваат сите земји кои некогаш се сметаа себеси за непогрешливи сојузници на Соединетите Држави, но сега ги доведуваат во прашање самите основи на тој однос додека Вашингтон ја прифаќа Русија и ги засилува своите напади против сојузниците во НАТО. Во средата, францускиот претседател Емануел Макрон одржа состанок со лидерите на групата – од кои повеќето се огласија преку видео врска – за тоа како да се одговори на новиот светски поредок на Трамп.
Групата почна да се формира оваа недела после Минхенската безбедносна конференција кога Макрон покани мал број земји истомисленици во Париз во понеделникот за да разговараат за импликациите од прифаќањето на Русија од страна на Вашингтон во однос на Украина.
До средата, таа почетна група – составена од лидерите на Франција, Обединетото Кралство, Полска, Германија, Италија, Шпанија, Холандија и Данска, плус шефовите на НАТО, Европската комисија и Советот – се зголеми повеќе од двојно, проширувајќи се на 19 земји, вклучително и Канада. Присуствуваа и земји кои не се членки на ЕУ, како Норвешка и Исланд.
Како домаќин на разговорите во средата, Макрон возврати против Трамп и инсистираше дека Русија ја започна војната, а не Зеленски, како што тврдеше Трамп. Францускиот претседател рече дека новата групација барала украинско учество во разговорите и инсистирала на потребата од безбедносни гаранции за Киев.
Најкритично, Макрон рече дека е неприфатливо САД и Русија да преговара без европските лидери. „Ќе треба да се земат предвид безбедносните грижи на Европејците“, нагласи тој.
„Има идеолошка димензија на оваа група, пост-Минхен“, рече Лук ван Миделар, основачки директор на Бриселскиот институт за геополитика. „Фактот што разговараме во овој формат една недела по телефонскиот разговор Трамп-Путин е знак за тоа колку брзо се менуваат работите во светот“.
Списокот на присутни во голема мера се поклопува со членството во НАТО и Европската унија, но со неколку големи разлики. Соединетите Американски Држави не се дел од него, а не се ниту Унгарија и Словачка, кои се поврзани со Русија. Не е ниту Турција, иако е членка на НАТО, иако неколку коментатори побараа Анкара да биде вклучена во идните разговори.
НАТО традиционално би бил главен форум за секоја дискусија во врска со главните безбедносни предизвици со кои се соочуваат западните земји, не само за војната во Украина. Но, по прифаќањето прифаќањето на Москва од страна на Трамп и неговите ескалации на нападите врз Зеленски, западните земји се фаќаат за нови конфигурации.
„Политичарите во време на криза разговараат за секакви конфигурации меѓу пријателите и сојузниците и тоа е добра работа“, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
Ван Миделар рече дека форматот на Париз треба да се спореди со „единица за одговор на кризи“.
„Кога ќе дојде криза, секогаш добивате формални или неформални внатрешни кругови“, додаде тој. „Во ситуации како оваа, треба да ја балансирате желбата за инклузивност наспроти потребата за брза акција. Формалните одлуки нема да се носат во овие формати, но тие ќе бидат подготвени“.
Навистина, појавата на Париската група – заедно со форматот „Вајмар“ (на Париз, Берлин и Варшава) или нордиско-балтичката група – го нагласува неуспехот на форматите на ЕУ да се справат со размерите на кризата.
Вообичаено, 27-те лидери на ЕУ се собираат како Европски совет за да се справат со заедничките предизвици. Но, претседателот на таа институција, Антонио Кошта, досега се воздржуваше да свика состанок во тој формат, несигурен дека ќе може да покаже опипливи резултати, според двајца дипломати на ЕУ на кои им беше дадена анонимност за да разговараат за приватните размислувања.
Наместо формален Европски совет, амбасадорите на ЕУ се собраа двапати оваа недела во таканаречениот формат Корепер за да разговараат за испраќање оружје во Украина и зајакнување на одбраната.
Но, тие дискусии беа засенети од собирите на лидерите во понеделникот и средата – при што амбасадорите открија во средината на еден од нивните состаноци оваа недела дека Макрон повикал на втор круг разговори меѓу лидерите, според еден претставник на ЕУ.
„Ние сме надвор од јадрото на функционирањето на ЕУ“, рече трет дипломат на ЕУ. „Ова е нешто што се случува надвор и околу машинеријата во Брисел.
ЕУ не може да се договори дали да се обиде да испрати свој претставник на разговорите меѓу САД и Русија, според луѓе запознаени со ова прашање.
Финскиот претседател Александар Стуб ја изнел идејата во текот на викендот на Минхенската безбедносна конференција. Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта накратко ги тестираше водите за време на разговорите на европските лидери во понеделникот во Париз, според тројца дипломати на ЕУ запознаени со разговорите.
Предлогот на Кошта „во понеделникот вечерта беше миниран во Париз бидејќи Франција и Германија не гледаат ништо во тоа“, рече еден дипломат на ЕУ, додека друг истакна дека има очекувања дека сега „ќе има обид малку да се организираат и фокусираат дискусиите“.
Претставникот на Трамп во Украина, Кит Келог, оваа недела рече дека иако Вашингтон не предвидува Европејци на преговарачка маса, нивните ставови ќе бидат земени предвид.
Киев ги повика Европејците да назначат специјален пратеник кој ќе го отслика Келог со надеж дека тоа ќе даде поголема поддршка за нивната преговарачка позиција, рекоа украинските власти.
Европејците „треба да понудат, што е можно поскоро, претставник од Европа, еден глас, да биде на преговарачката маса“, изјави Ихор Жовква, дипломатски советник на претседателот Володимир Зеленски, за „Еурактив“ оваа недела во Брисел.
Притисокот на Украина произлегува од загриженоста дека може да се остави сама да преговара против САД и Русија. Во најлошото сценарио, Киев би бил во позиција два против два наместо еден против два.
„Еурактив“ контактирал низа дипломати на ЕУ за да види дали ќе има апетит за назначување таков пратеник. Многу малку од оние кои коментираа за ова прашање биле за.
Имињата ги вклучуваат тројцата водачи на блокот – Кошта, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и Каја Калас, највисокиот дипломат на ЕУ. Се споменува и поранешен политичар во тешка категорија со долгогодишно дипломатско искуство, како што се Швеѓанецот Карл Билт, Италијанецот Марио Драги, Французинот Мишел Барние, Финецот Саули Нинисто или Данецот Андерс Фог Расмусен.
Останува нејасно каков мандат би можел да добие пратеникот бидејќи приближувањето меѓу ЕУ27 станува сè потешко, а Унгарија и Словачка се меѓу оние кои најверојатно ќе се спротивстават. Мнозинството земји-членки на ЕУ се залагаат прво да се зајакне самата украинска позиција. (Политико, Еурактив)