Замрзнатите руски средства можат да покријат 80 отсто од потребите за реконструкција на Украина


Вкупниот износ на замрзнати руски средства може да покрие повеќе од 80 отсто од побарувачката за обновување на Украина, рече министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба во интервју за шпанскиот весник Ел Паис.

Околу 300 милијарди американски долари од средствата на руската централна банка беа замрзнати на Западот, откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина. Сојузниците на Киев со месеци разговараа за тоа како да најдат правен начин за конфискација на средствата што би можеле да бидат наменети за војната и напорите за обнова на Украина.

Ваквите разговори меѓу САД и европските власти, наводно, се засилиле во последните неколку недели при што претседателот Џо Бајден бара стратегијата да биде подготвена до 24 февруари, на одбележувањето на две години од почетокот на сеопфатната војна.

Во интервјуто за Ел Паис, Кулеба изрази уверување дека Украина ќе добие од замрзнатите руски средства.

„Тоа ќе се случи 100%, прашањето е до кој степен, бидејќи има три елементи: самите замрзнати средства, добивката на имотот и даноците на тие профити. Но, тоа ќе се случи затоа што има смисла Русија да плати„ – изјави Кулеба.

„Има доволно замрзнати средства за да се справиме со реконструкцијата на Украина… Можеме да ги обновиме училиштата, болниците и инфраструктурата на сметка на земјата што ги уништи“.

Министерот верува дека Украина ќе ги добие првите средства пред да заврши војната, но потребен е „сеопфатен систем за решавање на правните прашања, финансиски механизми и транспарентност“.

„Не можете да добиете сè за еден ден, тоа бара процес… Тоа е комплициран правен, регулаторен и финансиски инструмент. Но, иако некои се сомневаат, оваа одлука мора да се донесе бидејќи тоа е најприродната одлука од сите “, изјави Кулеба.

Според проценките, најголем дел од руските средства се во Европа, додека околу 5 милијарди долари се во сопственост на институции во САД. Лидерите на ЕУ изразија поддршка во октомври за предлогот да се искористат милијарди евра неочекувани даноци од руските средства врзани на Запад за обнова на Украина. Претходно истиот месец, Белгија објави дека ќе создаде фонд од 1,8 милијарди долари за Украина, финансиран од даночните приходи од каматите на замрзнатите руски средства.