Законот за обвинителство ја „надживеа“ и одлуката од Брисел


Ниту средината на октомври, односно пред одлуката од Брисел за (не)добивање на датум за преговори со ЕУ, не се покажа како краен рок кога требаше да биде донесен законот за обвинителство. Партиите ја префрлаат одговорноста кон политичкиот противник обвинувајќи ги за неуспехот во донесувањето на законот, кој иако беше посочуван како невлијателен за судот на европските моќници, кај дел од дипломатите сега се споменува како еден од факторите што ќе придонесат за евентуалната негативна оценка.

Претставници на власта и на опозицијата се во редовен контакт и го мерат пулсот за изнаоѓање решение, но нема никакво приближување на ставовите.

Нема сигнали дека треба да се закаже средба на работните групи“, признаваат од Министерството за правда.

И во ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат оти нема абер за компромис, но од партијата сметаат дека проблемот ќе мора да биде решен во догледно време.

Ние се обидуваме преку неформален дијалог да најдеме заеднички точки, но во моментов фокусот на владејачката партија е кон добивањето датум, така што ситуацијата е статус кво. Но на сите треба да ни биде јасно дека законот за обвинителство ќе мора да го изгласаме наскоро без оглед дали ќе добиеме датум. Доколку добиеме, тогаш законот ќе биде бенчмарк во поглавјата 23 и 24 од преговорите. Ако не добиеме, донесувањето на законот веројатно ќе стои во заклучокот на Советот при евентуално добивање датум во некое друго време“, коментираат извори од најголемата опозициска партија.

Според последните информации што ги добивме од двете партии, согласност има само околу тоа шефот на новоформираното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција да биде предложен од опозицијата. Но, освен формата, суштината е различна и на „Бихаќска“ и во белата палата.

Извори од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“ брифираат дека тие предложиле актуелното Основно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција што го предводи Вилма Русковска да се спои со расформираното Специјално јавно обвинителство. Русковска ќе има загарантирана независност и ќе си ги води предметите за 27 април и ‘Рекет’, исто како и досега. Но шефот на новото обвинителство ќе го избира опозицијата. За предметите од СЈО што сега се префрлаат во Јавното обвинителство би се создала законска рамка да можат да бидат трансферирани во новото обвинителство, кое ќе биде надлежно да води случаи од организиран криминал и висока корупција.

Во СДСМ, пак, сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ останува на идејата да ги забошоти сите предмети што досега беа отворени од СЈО. Како мал напредок го потенцираат тоа што ВМРО-ДПМНЕ досега официјално не прифаќала спојување на Обвинителството за гонење организиран криминал со СЈО, а сега велат дека не ѝ пречи тоа. Во СДСМ бараат и во новото обвинителство да преминат и сите обвинители од поранешното СЈО и тоа со рок на траење од најмалку една година, со цел предметите да не влезат во правен вакуум, застарување или одложување на процесите, но од ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат.

Трансферот на предметите од Специјалното во обичното обвинителство, ја исклучи потребата од итно решавање на проблемот.

Сепак, министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, пред неколку дена рече дека Македонија направила голем напор за добивање на престапните преговори, но оти е потребен уште еден: законот за јавно обвинителство. Претходно, додека траеше расправата во холандскиот парламент, Блок рече дека вината за неуспехот во преговорите за законот во нашата земја ја гледа во опозицијата, но со евентуалното „не“ од Брисел, казнета ќе биде владата.

Јовески ќе ги потпише платите за СЈО

Околу 80 вработени во Специјалното јавно обвинителство и натаму ја чекаат септемвриската плата откако шефицата Катица Јанева беше разрешена, па немаше кој да ги потпишува решенијата.

„Министерството за правда го испрати решението во Собранието и очекуваме тоа да се стави на седница. Со законот републичкиот обвинител ќе добие овластување да одлучува за распределба на вработените, да потпишува плата или практично да го менува специјалниот јавен обвинител со сите овластувања во однос на вработените“, велат од Министерството за правда.

Сепак, вработените кои секојдневно одат на работа алармираат дека освен платата што ја немаат земено, за институцијата не се платени ниту сметки за струја ниту за кирија и сè поизвесно е дека зградата во која „бомбите“ требаше да бидат на безбедно, ќе остане без струја. Ако се случи ова, нема да работат ниту безбедносните камери ниту алармите и прислушуваните разговори ќе останат необезбедени, односно нема веќе кој да ја гарантира нивната безбедност.

Во СЈО беа вработени 92 лица, меѓу кои десетте специјални обвинители, кои сега се префрлени во матичните обвинителства.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски