Законот за јазици заглави на двојазичните банкноти и униформи

Осум месеци откако и официјално е во употреба, повторно се зборува за Законот за јазици. Претставници на Венециската комисија допатуваа во Скопје за да ги чујат забелешките од партиите, како и од пратениците на помалите етнички заедници, по што ова советодавно тело на Советот на Европа ќе се изјасни околу уставноста на законот што предизвика негодувања кај опозицијата и тензии во јавноста. Нивните препораки не се задолжителни, но партиите ветија дека ќе ги почитуваат.

На мислење до Венециската комисија беа испратени и двата члена што не се дел од донесеното решение: одредбите за двојазичност на банкнотите и воените униформи.

„Кога го договаравме Законот за јазици, останаа спорни две одредби: употребата на јазикот на банкнотите и на униформите на војската, затоа што имаше правници во тоа време кои ни укажуваа дека тие може да бидат противуставни и евентуално утре можат да паднат на Уставен суд. Од друга страна, имаше протагонисти кои сметаа дека и тие треба да влезат во законот. Затоа договоривме дека е најдобро едно неутрално, објективно, меѓународно тело да го каже тоа“, рече вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

Тој повтори дека првичната идеја зошто законот е пратен во Венециската комисија е за да се испитаат овие две одредби.

„Кога ги праќате двете одредби мора да го пратите целиот текст заради контекстот, за да можат тие да го испитуваат контекстот. Има различни интерпретации дали тие ќе го испитаат целиот текст на законот, или ќе се фокусираат на тие две одредби, но ќе видиме што ќе одлучат: дали ќе одат на испитување и давање мислење на сите одредби од законот или на тоа што нас ни е најважно, а тоа се спорните одредби кои не се ставени во законот, односно ние намерно се повлековме од нив, за да не ризикуваме некој да го спори во Уставен суд“, појасни Османи.

Кратко откако Законот стапи во сила, вицепремиерот тврдеше дека нема потреба целиот закон да се прати на мислење во Венециската комисија, туку само спорните одредби, но премиерот Зоран Заев се спротивстави на таквата идеја, па на мнение отиде комплетното решение.

Од партиите коментираа дека средбите биле протоколарни и информативни. Странските експерти ги слушнале забелешките и мислењата на пратеничките групи. Во Скопје ќе бидат и денеска, по што заминуваат дома. Нема краен рок кога треба да го изготват решението.

„Тие се интересираат за решенијата во законот, како ќе говорат граѓаните, како ќе се користат двата службени јазици пред сите институции, во судовите, пред нотарите, како ќе функционира Агенцијата, Инспекторатот… Да, законот е веќе во сила, но доколку сите се договориме дека ќе ги почитуваме нивните препораки – можеме да ги вградиме во постоечкиот закон“, изјави Соња Мираковска од НСДП.

Артан Груби од ДУИ, рече дека ја образложил потребата од донесување на законот, кој „придонесува за јазичната рамноправност на граѓаните во земјава. Тој вети дека неговата партија ќе го почитува и мислењето за членот 8, кој се однесува на употребата на албанскиот јазик на банкнотите и во униформите на војниците.

„Тој текст на законот не е усвоен. Ако нивните мислења бидат афирмативни, тогаш во однос на тој текст на член 8 законот треба да се смени вклучувајќи го нивното мислење. Ако е негативен по однос на тие два елементи, тогаш не треба да се менува законот зошто тој е усвоен, без тој текст“, рече пратеникот од ДУИ.

Во ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека го повториле нивниот став оти целото законско решение е неуставно.

„Ние треба прво да видиме што каков документ ќе се изготви, но сакам да потенцирам дека начинот на владеење, на управување и непочитување на Деловникот нè донесе до оваа постапка. Да имаше јавна расправа од пратениците, експертите, малцинските заедници и од другите засегнати – ќе имавме закон прифатлив за сите“, коментира Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Законот за употреба на јазиците беше објавен во „Службен весник“ на 14 јануари годинава само со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со укажување дека тоа се прави бидејќи шефот на државата, Ѓорге Иванов одбил да го стори тоа.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Македонија и неговото писмо.

Одлучуваат независни експерти по уставно право

Венециската комисија е советодавно тело на Советот на Европа и е составена од независни експерти по уставно право. Таа беше создадена во 1990 година, една година по падот на берлинскиот ѕид, кога во Европа се отвори новиот хоризонт на демократијата и соработката. Се нарекува Венецинска поради тоа што нејзиниот состанок се одржа во Венеција, а инаку се нарекува Европска комисија за демократија низ законот. Комисијата одржува четири состаноци годишно во Венеција, која ѝ отстапи седиште во една палата.

Комисијата во овој момент брои 60 земји членки: 47 од Советот на Европа, и уште 13 други од другите континенти, како САД, Канада, Бразил, Израел… Според одредбите, членови на комисијата (по еден од секоја земја) се „познати научници, особено во полето на уставното и меѓународното право, судии на врховни или уставни судови и членови на парламентот“.

Претседател на комисијата уште од 2009 година е Џани Букичио, кој дотогаш беше генерален секретар. Главната работа на Венециската комисија е разгледување на предлозите на уставите и уставните амандмани. Мислењата на комисијата не се обврзувачки за земјите членки, но во најголема мерка се почитуваат.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски