Законот за јазици отишол предалеку


Многу одредби од Законот за јазици од 2018 година ги надминуваат европските стандарди дефинирани во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и во Европската повелба за регионални и малцински јазици, стои во извештајот на Венециската комисија кој ќе биде објавен наскоро. Според оценката, подготвеноста на нашите власти за подобрување на јазичната состојба на немнозинските заедници е за пофалба, но во одредени области законот, според Венециската комисија, отишол премногу далеку наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции. Ова се однесува на одредбите со кои се предвидува употреба на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин. „Огромните и скапи обврски што ги наметнува законот особено на судските органи се придружени со тешки парични санкции во случај на непочитување (член 23). Покрај тоа, неуспехот да се обезбеди превод и толкување што се бара со закон во текот на постапката претставува основа за враќање на судската одлука (член 9 [5]). Под сегашни околности, доколку се применува целосно законот, тој значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност сериозно нарушување на правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права“, стои во оценката.

Притоа се забележува, исто така, дека законот содржи неколку неизвесности во однос на неговото значење и обемот.

„Не е јасно секогаш кои одредби од законот се применуваат само на албанскиот јазик, кои се применуваат и на други јазици што не се мнозинство (турски, српски, босански, влашки, ромски, итн.) и кои правни лица се опфатени со законот“, стои во извештајот. Затоа Комисијата го повикува законодавецот да го преиспита законот за јазици и, во консултација со сите засегнати страни да се откаже од одредбите во врска со двојазичноста во судските постапки, да обезбеди правна јасност, да ги одложи паричните санкции сè додека не се измени законот за да се обезбеди правна сигурност, да се намалат износите на казните и да го процени неговото влијание на буџетот и во однос на човечките ресурси, генерално препорачувајќи Законот за јазици да се ревидира во овие насоки.