Законот против дискриминација повторно во собраниска процедура, ќе добијат ли граѓаните ефикасна заштита


Новиот Предлог закон за спречување и заштита од дискриминација, во речиси идентична форма во која беше усвоен во претходниот парламентарен состав, а беше укинат во мај од Уставниот суд поради донесувањето без потребното мнозинство од 61 пратеник, е повторно во собраниска процедура. Се очекува тој што поскоро да биде усвоен, со цел граѓаните да имаат каде да се обратат за случаи на дискриминација со кои се соочиле. Во моментов тоа може да го направат само со претставки до Народниот правобранител, но неговите ингеренции се однесуваат само на јавниот сектор. Невладините организации бараат итно донесување на законот, но со измена на постапката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за, како што велат, да се обезбеди транспарентен процес. Амандмани на законското решение најави и опозицијата во Парламентот.

Предлог-законот во прво читање помина на седница на Комисијата за европски прашања, и на пленарна седница на Собранието, во редовна постапка со европско знаме, заради усогласување на знашето законодавство со она на Европската унија.

Целта на овој закон, според Министерството за труд и социјална политика, кое е предлагач, е да се обезбеди принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи. Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Дискриминација, согласно законот, е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска апелира тој да биде донесен што поскоро, бидејќи, како што рече, за некои граѓани во државата тој може да биде прашање на судбина. Законот, според неа, се предлага во речиси идентична форма како претходниот, и минал долг процес на усогласување во општеството со невладиниот сектор, а било добиено и позитивно мислење од Венецијанската комисија чии забелешки биле вградени во него. Како таков бил усвоен во Собранието, по што не бил потпишан од тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Откако бил вратен во Собрание тој бил донесен повторно, но во мај годинава беше укинат од Уставниот суд поради тоа што не бил усвоен со потребно мнозинство од 61 пратеник.

-Во моментов имаме вакуум во правните механизми кои спречуваат и ги штитат граѓаните од дискриминација, и затоа тој треба да биде донесен што поскоро, вели министерката за труд и социјална политика.  Законот ќе се применува и во приватната, и во јавната сфера, и во одредбите од законот експлицитно се наведени областите каде не смее да има дискриминација,  меѓу кои, едно од наведените е токму работата и работните односи.

Таа очекува и опозицијата да учествува во изгласувањето на овој закон затоа што тој, како што вели, е по европски терк, согласно со регулативата на ЕУ и во него се дефинирани сите облици на дискриминација, основите за дискриминација. Но пред се, вели таа, дефиниран е и изборот на едно професионално финансиски независно тело како што е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која што ќе ја сочинуваат професионалци, лица со седумгодишно искуство во сферата на човековите права.

Опозицијата даде поддршка во првото читање на законот во Собранието, кога се утврдува потребата од донесување вакво законско решение, но најави и свои амандмани кога тој ќе биде во второ читање, со кои, како што рекоа пратениците, ќе се подобри законскиот текст.

Согласно предлогот што е во собраниска процедура, Комисијата треба да биде составена од седум члена кои ги избира и ги разрешува Собранието на Република Северна Македонија. Членовите на Комисијата се избираат со мандат од пет години, со право на уште еден последователен повторен избор. При изборот на првиот состав на Комисијата согласно овој закон, четири члена се избираат со мандат од пет години, а три члена со мандат од три години, со право на уште еден последователен повторен избор. Од редот на членовите избрани во ставот на овој член, Комисијата избира претседател со мандат од една година, без право на повторен избор. Членовите на Комисијата треба да го одразуваат составот на општеството во целина и при изборот на членовите на Комисијата се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово балансирано учество. Комисијата носи заклучоци, преорачува постапки за отстранување на повредите на правото. Со Законот се воведува тужба за дискриминација од јавен интерес.

На предлог законот, уште кога тој беше испратен од Владата во Собрание, реагираа од Мрежата за заштита од дискриминација, од каде тврдат дека и покрај тоа што МТСП го прифатила нивниот предлог за потранспарентен избор на членови на Комисјата за заштита од дискриминација, Владата тоа не го усвоила и предлог законот во Парламентот го испратила во претходната верзија, која беше усвоена, а подоцна укината од Уставниот суд.

-До МТСП предложивме да изврши измена на одредбата со која се уредува изборот на кандидатите со цел да се гарантира транспарентност на постапката, во изборот да бидат вклучени сите засегнати страни и да се изберат најдобрите професионалци во областа. Министерството го прифати предлогот и заеднички констатиравме дека постапката за избор може значително да се унапреди и да се приближи кон начинот на избор на членовите на Државната комисија за спречување корупција, што се покажа како подобра пракса. Врз основа на консултациите кои ги имавме со Министерството за труд и социјална политика, одлучивме заеднички да ги подготвивме законските одредби со кои се уредува постапката за избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по што МТСП извести дека предлог-законот, со изменетата одредба за избор на кандидати, е доставен во владина процедура. Сепак, изменетата предлог-одредба која се однесува на изборот на кандидати, не постои во списите објавени на собранискиот сајт, реагираат од Мрежата, која е коалиција на повеќе граѓански организации и здруженија.

Одредбата која ја предложиле, меѓу останатото, предвидувала листата кандидати за членови на комисијата и нивните лични биографии да бидат објавени на веб-страницата на Собранието, а во рок од 5 дена од објавувањето на листата, да се организира интервју на кандидатите кое ќе се емитува на Собранискиот канал, а ќе го спроведува Комисијата за селекција, на јавна седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија. Дополнително, измените предвидуваат членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да ги предлага посебна Комисија за селекција, составена од седум членови – по двајца пратеници од власта и од опозицијата, по двајца претставници на граѓанското општество и по еден претставник на Националното координативно тело за недискриминација.

Затоа бараат од сите пратеници од Собранието на Република Северна Македонија да поддржат амандман со измени на член 18, во врска со постапката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштитата од дискриминација.

-Ги повикуваме пратениците веднаш да го предложат амандманот со што ќе овозможат транспарентен, фер и инклузивен процес за избор на членовите на Комисијата. Сметаме дека ова е исклучително важен временски период за носење на ваков закон и за воспоставување на вакво тело во пресрет на поглавјата за преговори со ЕУ, вели Наташа Бошкова, Маргини, Мрежа за спречување на дискриминација.

Таа појаснува дека во претходниот закон, кој беше донесен во Парламентот, а потоа и укинат, го немало ова дополнување. Таа вели дека е потребно е прецизирање на одредбите со цел да се забрза постапката за избор на членовите на Комисијата, но и воведување на транспарентен начин по примерот на изборот на ДКСК ,каде што општата и експертската јавност ќе бидат вклучени во изборот на членовите на Комисијата.

-Ова барање го поставивме до МТСП, тие го прифатија и со дополнета одредба го доставија предлогот до Влада, но за жал, на Влада овој предлог беше одбиен. Затоа ги повикуваме пратениците да го поднесат овој амандман и на крај законот да се усвои со прецизирана процедура за избор на членовите, вели Бошкова.

Таа најави дека има пратеници во Собранието кои сметаат дека е потребно дополнување на процедурата и кои се подготвени да го поднесат амандманот во Собрание.

Со ова дополнување, велат од Мрежата, ќе се овозможи членови на Комисијата да бидат лица кои ќе бидат избрани по мерит систем на вредности, а не на политички и партиски договори.

Дека е потребно итно донесување на законот, но и допрецизирање на оредбата за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, смета и извршната директорка на Фондација Отворено Општество – Македонија, Фани Каранфилова Пановска.

– Сметаме дека е неопходно и повеќе од потребно политичките партии кои се дел од Парламентот да го донесат законот за спречување и заштита од дискриминација и тоа со консензус, особено оние политички партии коишто беа потписници на Декларацијата за приоритети за носење на овој закон со што ќе докажат дека потписот не бил ставен на Декларацијата само како писмен израз на волја во време на изборниот процес, туку дека навистина веруваат во ова. Со донесување на законот ќе се обезбедат механизми за заштита од дискриминација, ќе се обезбеди сите граѓани да имаат еднаков пристап до правда и еднакви можности. Исто така, ги повикуваме политичките партии во Парламентот со усвојувањето на законот и текстот на законот да овозможат избор на членови на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација и тоа во еден транспарентен и инклузивен процес за што граѓанските организации се залагаа во изминатиот период, потенцира Каранфилова Пановска.

Законското решение кое сега е во собраниска процедура, вели таа, не предвидува транспарентен и инклузивен избор на членовите на Комисијата. – Се надеваме дека низ амандманската расправа и во текот на пленарната седница ќе се дојде до решение за да може законот покрај сите други иновации што ги содржи, да овозможи и процес кој ќе обезбеди инклузивен и транспарентен избор на членовите на Комисијата, потецира Каранфилова Пановска.

Законот што беше укинат годинава во мај, беше донесен лани во мај. Уставниот суд во февруари годинава поведе постапка за Законот за заштита од дискриминација бидејќи бил донесен без потребното мнозинство. Го укина во мај, бидејќи откако тој повторно бил вратен во Собранието, по претседателското вето, требало да биде донесен со посебно мнозинство, а тоа во правната ситуација, според Судот, е апсолутното мнозинство, односно консензус од 61 пратеник, што не било случај со неговото донесување.

Во овој моментов во земјава нема закон, ниту тело каде граѓаните можат да се обратат кога се повредени нивните права, освен Народниот правобранител, но тој има надлежности да реагира за повредите на правата на граѓаните во јавниот сектор, а не во приватниот.