Захариева барала од министерот на Словачка да ја објасни блокадата на „историјата“

Иван Корчок, министер за надворешни работи на Словачка

Целосно изненадена од ветото на Прага и Братислава на заклучоците на ЕУ за проширувањето, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, побарала од шефот на дипломатијата на Словачка, Иван Корчок, објаснување за ваквиот чекор. Во изјава за словачките медиуми Корчок потврди дека во четвртокот попладне (17 декември) имал долг телефонски разговор со Захариева, но не откри детали од него.

„Жал ми е, но моравме да ги блокираме заклучоците на Советот на ЕУ за проширување. Овој документ на несоодветен начин ги внесува на дневен ред чувствителните историски прашања во односите меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите кандидати“, рече министерот, додавајќи дека ваквиот пристап го поткопува кредибилитетот на процесот на проширување и мотивацијата на земјите кандидати да ги исполнат задачите и критериумите за пристап.

„Си реков дека тука има одредена линија, затоа што тогаш не му помагаме на процесот (преговори) и им ја одземаме мотивацијата на земјите кандидати да направат понатамошни реформи и да ги исполнат условите“, објасни словачкиот министер за надворешни работи на настанот „Хлбока онлајн“.

Според Иван Корчак, проблемот е во тоа што „никој не ја обвинува Северна Македонија дека не ги исполнува условите под кои може да се отворат нови поглавја. Туку дека, наводно, не го исполнува билатералниот договор со Бугарија“, нагласи тој.

Словачките аналитичари на надворешната политика долго време ја критикуваат словачката дипломатија дека поддршката на Западен Балкан, која Словачка постојано ја прокламира, е повеќе декларативна отколку практична. Па, се вели, дека словачката дипломатија веројатно ги зеде „критиките при срце и овој пат отворено застана зад балканскиот партнер и во Советот“.

Според некои толкувања, во Словачка биле особено изненадени, па дури и лути, од одлуката на бугарскиот парламент да ги означи Кирил и Методиј за бугарски просветители, а празникот 24 Мај за ден на бугарската азбука. Во Словачка, а и во Чешка, односот кон Кирил и Методиј поради нивната просветителска мисија во Велика Моравија, е од најголемо значење за општеството. Денот кога тие дошле во Велика Моравија, 5 јули, од многу одамна се славеше како државен празник во Чехословачка, а сега и во двете посебни држави, Чешка и Словачка. По независноста на Словачка двајцата солунски браќа беа претставени и на парите – на банкнотата од 50 словачки круни. Кога Словачка влезе во евро-зоната на задната страна на монетата од 2 евра се претставени Кирил и Методиј.

И во првата првата реченица од преамбулата на словачкиот устав се споменуваат Кирил и Методиј: „Ние, словачката нација, носејќи го политичкото и културното наследство на своите предци и вековното искуство на борбата за национално постоење и сопствена државност, во смисла на духовното наследство на Кирил и Методиј и историското наследство на Велика Моравија…“ Па според некои словачки аналитичари бугарската одлука за Кирил и Методиј ја преминала границата на која се многу чувствителни во Братислава.

Можеби и затоа во заедничкото соопштение на Прага и Бартислава се наведува дека  „текстот, како што стои, содржи елементи, вклучувајќи го и поимот за фалсификување на историјата, што според нас би бил огромна штета за процесот на проширување… Ние нема да дозволиме Унијата да биде судија на нашата споделена историја, како се идентификуваме себеси или јазикот што го користиме. Овие прашања припаѓаат на страните кои се засегнати и ние сме тука за да ги поддржиме со искуството на нашите сопствени процеси на закрепнување“.

Во исто време чешкото министерство за надворешни работи во изјава за Дојче веле нагласи дека прага „отсекогаш била постојан поддржувач на политиката на проширување во последните 16 години. Тоа не се промени со оваа одлука. Сепак, по внимателно разгледување, не можевме да дадеме согласност за нацртот презентиран за одобрување“.

„Главната цел е да се усвои Преговарачката рамка што е можно поскоро. Сепак, сегашниот текст може да има спротивен ефект. Според наше гледиште, тој содржи термини за фалсификување на историјата што би можеле да бидат штетни за процесот на проширување“, велат од чешкото МНР.

Во Прага сметаат дека билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да си го решаваат двете земји, а не да биде дел од преговорите за членство во ЕУ.
Оттаму му рекле на Дојче веле дека „и други земји ја изразија својата загриженост. Имајќи го сето тоа предвид, ние сме на мислење дека конечното усвојување на текстот треба да се случи на следниот Совет за општи работи“. (Н.В.)