Загадениот воздух го напаѓа мозокот: Студија открива силна врска со Алцхајмер 


Фото: Б. Грданоски

Луѓето изложени на повисоки нивоа на загадување на воздухот во текот на целиот живот имаат поголем ризик од развој на Алцхајмерова болест, покажа нова студија од Универзитетот Емори во САД, истакнувајќи дека загадувањето на воздухот влијае директно на мозокот, а не индиректно преку хронични болести како што се хипертензија, мозочен удар и депресија, кои се исто така фактори на ризик за деменција.

Како што објави Euronews, најсилната поврзаност помеѓу загадувањето и Алцхајмеровата болест е забележана кај луѓе кои претходно имале мозочен удар.

Тимот истражувачи го споредил нивото на изложеност на фини честички (PM2.5) со инциденцата на Алцхајмерова болест и улогата на три вообичаени поврзани болести.

Фините честички се особено опасни бидејќи можат длабоко да навлезат во белите дробови и крвотокот, а главните извори вклучуваат издувни гасови од возила, термоцентрали, индустриски активности, шумски пожари и согорување на дрво или фосилни горива во домаќинствата.

Авторите на студијата нагласуваат дека долготрајната изложеност на фини честички, исто така, го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, хипертензија и нарушувања на менталното здравје.

Истражувањето, објавено во списанието „PLOS Medicine“, анализирало податоци од повеќе од 27 милиони луѓе над 65 години.

Светската здравствена организација (СЗО) постави глобални цели за намалување на фините честички до 2030 година, а планот за 2025 и 2040 година предвидува намалување на смртните случаи поврзани со загадувањето на воздухот за 50 проценти во споредба со 2015 година.

Според податоците на СЗО, повеќе од 55 милиони луѓе ширум светот живеат со деменција, при што Алцхајмеровата болест учествува со до 70 проценти од случаите.

Во Европа, околу 12,1 милиони луѓе со деменција се регистрирани во 2025 година, при што жените се најпогодени, со околу 66 проценти од случаите.