Заев за грчки „Авги“: Нема преговори ако јазикот и идентитетот се стават на европската маса


Нашиот идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде. Сé додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме. Ние ги исполнивме сите критериуми за отворање на преговарачкиот процес по поглавја, добивме безусловна препорака за почеток на преговорите, испорачавме и сега е на ред ЕУ да испорача, истакнува премиерот Зоран Заев во интервјуто за грчкиот медиум „Авги“ .
 

На прашањето за евроинтеграцискиот процес на земјата, Заев нагласува дека за време на неговата европска агенда во Брисел изминатите два дена сите највисоки претставници на институциите на ЕУ јасно потврдиле дека Северна Македонија ги исполни потребните услови за да ги започне преговорите за пристап и заслужува да продолжи во следната фаза на процесот без одложувања.

-Темите што го одложија овој процес се билатерални прашања и како такви не треба да се најдат на масата за која се разговара за пристапување на нашата земја во членство во ЕУ, нагласува Заев.

Премиерот Заев за грчки „Авги“ вели дека е убеден дека грчкиот парламент наскоро ќе ги ратификува меморандумите за поддршка за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, за унапредување на економската соработка меѓу двете држави и Спогодбата за надгледување на небото над нашата земја како дел од заедничките политики во НАТО.
 
Тој во интервјуто, како што соопшти Секторот за односи со јавност на Владата, говори и за огромните придобивки од Договорот од Преспа кој, според него, „отклучи“ огромен потенцијал за соработка меѓу двете земји, меѓу кои и исклучителната лоби поддршка на Грција за нашата земја да го започне пристапниот процес за членство во ЕУ.
 
-Имплементацијата на одредбите од Договорот тече според динамиката што ја имаат утврдено телата за соработка во различни сфери, особено во енергетиката. Ние продолжуваме со напорите да ги исполниме нашите обврски како што е предвидено во Договорот од Преспа. Важно е дека фокусот, добрата волја и одлучноста се свртени во таа насока и нема да дозволиме процеси кои можат да ги загрозат вредностите на Договорот од Преспа“, вели за „Авги“ премиерот Заев.
 

Во однос на справувањето со н земјата со пандемијата, Заев информира дека во Северна Македонија сега има доволно количества вакцини за да се заврши до крај масовна имунизација со која се предвидува до крајот на летото да се постигне колективна заштита.

-Имаме чести и редовни разговори со Атина, и формални и неформални, за пандемијата. Сега зборуваме главно за можните режими за патување во претстојниот период, бидејќи луѓето сакаат да ја посетат Грција, нашата традиционална дестинација за годишни одмори, нагласува премиерот Заев.