Заев: Пријателските чекори кон соседите не се на сметка на нашиот идентитет и достоинство
Секогаш ќе бидеме страна која прави пријателски чекори кои отвораат перспективи за меѓусебните односи со соседите, вклучувајќи ја и Бугарија, но никогаш за сметка на тоа нема да ги доведеме нашите идентитет и достоинство за кои никогаш нема да се преговара, а тоа е нашиот идентитет како Македонци кои говорат македонски јазик, истакна премиерот Заев во интервју за Радио Канал 77.
„Јас ги разбирам граѓаните и нивните реакции, ама лидерите се тука за да решаваат тешки прашања. Јас правам пријателски чекори кои отвораат перспективи, во нашиот случај европските перспективи и иднина“, нагласи премиерот Заев.
Претседателот на Владата рече дека со Република Бугарија се постојано отворени каналите за комуникацијата и интензивно се разговара за прашањата што се актуелизираа и што се поставуваат како пречка за согласноста за усвојување на преговарачката рамка за Република Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
„Разговараме за говорот на омраза, разговараме за патоказот за имплементацијата на Договорот меѓу двете земји. Треба да постигнеме повеќе на планот на економската соработка, да поттикнеме многу повеќе од она што до сега е постигнато, а не е малку. Имаме инвестиции од наши компании во Бугарија. Од Бугарија имаме 13 инвестиции, меѓу кои и најновите кои покажаа интерес за инвестиции во енергетиката“, рече премиерот Заев.
Тој исто така повтори дека ние сме Македонци, зборуваме македонски и сме членка на НАТО, и ќе бидеме Македонци што зборуваат македонски и ќе сме членка на ЕУ, а патриотизам е да не бидеш заглавен во минатото и со тоа да ја загрозуваш сегашноста којашто никако не може да ја отвори иднината.
-Патриотизам во политиката е да обезбедиш двајца грчки премиери да потврдуваат постоење македонски јазик и македонски народ. Што бранат лидерите на опозицијата овие денови со протестите што ги организираат? Нели го изгубивме идентитетот со договорот од Преспа, како што велеа тие? Тешко, невозможно е да се постигне консензус со луѓе што лажат дека Холандија и Данска го блокираат усвојувањето на преговарачката рамка. Деманти стигнаа од највисоките политички институции на овие земји. Да лажете не е патриотизам“, рече премиерот Заев во интервјуто за Канал 77.