За Славески, Владата предложила комплициран модел што не гарантира поевтини деривати


Наместо да го прифати предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, со што цената на бензинот би се намалила за 13 денари, а на дизелот за девет денари, премиерот Ковачевски денес предложи комплициран модел за намалување на акцизата кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата, изјави денес Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Во однос на мерката намалување на ДДВ за централното греење, електричната енергија и одредени видови основни животни намирници, Славески вели дека доаѓа предоцна.

„Покрај ова, некои мерки кои одамна се во сила, беа промовирани како нови, како што е на пример додатокот за енергетска сиромаштија кај примателите на социјална помош и слично“, изјави Славески.

Тој смета дека Владата нема соодветен концепт, како и дека и покрај рестриктивните мерки за замрзнување на цените и ограничување на маржите, инфлацијата не сопира.

Во однос на инфлацијата Славески, меѓу другото посочи дека во февруари на годишно ниво достигна околу 8 отсто, а уште повеќе загрижува фактот што само во февруари цените пораснале за над 1 процент.

„Со најновите поскапувања во тековниов месец, кои никако да сопрат, најверојатно трендот на пораст ќе продолжи и ќе дојде до забрзана инфлација која станува двоцифрена. Да се потсетиме, двоцифрена инфлација за последен пат сме имале некаде кон средината на 90-тите години од минатиот век“, вели Славески, според кого, 40 отсто или 3 процентни поени од стапката на инфлација се должи исклучиво на домашни фактори.

„Тоа е цената на популизмот кој владата предводена од ДУИ и СДСМ го спроведува во континуитет за поткуп на гласови во изминатите 4 до 5 години“, вели тој, додавајќи дека иако звучи парадоксално, но на која било неодговорна влада на краток рок и одговара повисока инфлација, бидејќи заради повисоките цени, растат приходите по основ на ДДВ, каков што е случајот со последните две тримесечја од минатата година.

Тој на прес конференцијата предложи и мерки за надминување на кризата, како зголемување на платите во јавната и државната администрација, во образованието, здравството, полицијата, армијата, државната управа на централно и локално ниво, како и јавните птретпријатија, преку примена на колективните договори за наградување на трудот според степенот на сложеност, потоа зголемување на пензиите за 20 отсто, итен ребаланс на буџетот со цел да се обезбедат средства за зголемување на платите и пензиите…

Паралелно со ова, треба да се зголемат средствата за блок дотации и други трансфери кон единиците на локалната самоуправа за и тие да можат да ги зголемат платите на своите вработени и да ги покријат енормно зголемените трошоци за електрична енергија, посочи Славески. 

Тој исто така препорача Народната банка да се врати на нејзината основна цел, а тоа е ценовната стабилност и да превземе соодветни мерки за спречување на растечката инфлација.