Пукнатината на железничкиот мост може да ја парализира економијата

За патниците со железница се најде решение, но што со товарниот транспорт од кои зависат повеќе домашни компании


 

Напукнатиот столб на железничкиот мост преку Црна Река ги стави во речиси безизлезна ситуација македонските компании на кои превозот со железница на суровините и производите им е единствената или најпожелната опција. Повеќето од големите компании во земјава буквално зависат од овој вид транспорт, па сега се во небрано, како да продолжат со работа. Од Македонски железници транспорт велат дека нивните екипи се на терен и дека подоцна во денот ќе излезат со соопштение. Претпладнево во оваа компанија се одржуваше координативен состанок.

„Во моментов екипи на Македонски железници инфраструктура се излезени на терен за да ја испитаат состојбата со мостот. Се прават анализи, во тек е одржување на координативен состанок“, ни одговорија од компанијата во кусиот телефонски разговор.

Од повеќе приватни компании најавија исто така соопштенија како застојот во транспортниот железнички сообраќај ќе се одрази на нивата работа.

Претходно, Центарот за управување со кризи, повикувајќи се на информација од Македонски железници, поради напукнат бетонски столб на мост на Црна Река, на линијата Гевгелија – Велес, помеѓу железничките станици Кукуричани – Градско, во близина на Стоби.

„Железничкиот сообраќај на овој патен правец целосно е во прекин од 15:25 часот – и патнички и товарен“.

Но, патничкиот сепак се одвива со „премостување“ – со автобуски превоз. Конкретно, од Скопје возовите ќе сообраќаат до Градско, додека од Гевгелија ќе сообраќаат до Криволак. Од наведените железнички станици – Градско и Криволак, патниците се превезуваат со автобуски превоз.

Од ЦУК исто така додадоа дека експерти од Градежниот факултет во Скопје, во текот на денешниот ден планирано е да излезат на терен, за да извршат увид на состојбата.

Железницата подолго време е во криза. Неодамна беа укинати неколку патнички возови што сообраќаа меѓу Скопје и Битола, и сега практично остана по еден во текот на денот во двата правци.

Во периодот април – јуни годинава во со железница биле превезени во 73 илјади лица.

Кризата се гледа и во превезениот товар со железница, каде што намалувањето е најголемо во однос на другите видови превоз. Така според Статистиката, во второто тримесечје од 2023 година, во споредба со второто тримесечје од 2022 година, количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е намалено за 19,6 отсто, во железничкиот превоз е намалено дури и повеќе, за 32,3 отсто, додека во воздухопловниот превоз е намалено за 19,3 отсто.

Падот на транспортот според експерти, се должи на неконкурентноста на железницата, како на немањето соодветни места за утовар и истовар но исто така и на цената која често е повисока по тон во однос на камионскиот транспорт. Поради ова железничкиот превоз го користат оние компании кои немаат друга алтернатива. Ова го потврдуваат и статистичките податоци според кои за повеќе од двојно е зголемен обемот на превезена стока со камиони во патниот превоз во земјава, додека превезениот товар со возови не само што не се зголемил, туку обемот на превезена стока продолжил да опаѓа изминативе години.

Либерализацијата на железничкиот сообраќај подолго време се најавува, а сега е и интензивирана за што се предложени измени на Законот за железнички систем, кои се на усвојување во Собранието на Македонија. Според образложението во законот, измените имаат за цел да се стави крај на државниот монопол во железничкиот сообраќај во земјава и дека ќе им овозможат на приватните оператори да даваат услуги и во товарниот и во патничкиот железнички сообраќај.

„Со членот 16 од предложениот закон се воведуваат измени со кои се овозможува јавен железнички превоз на патници и добиток да се врши од приватни домашни или странски правни лица, со што се отвора пазарот за другите железнички превозници“, се вели во образложението на законските измени.

Сепак, дури и да се случи либерализацијата, вакви проблеми на железничките мостови нема да можат да бидат надминати. (М.Ј.)