За опозицијата поскапувањата се „брутални“, за власта, пак, „не се енормни“


Поскапувањата со кои што секојдневно се соочуваат граѓаните во маркетите и на зелените пазари, се гледаат со различна диоптрија од страна на власта и на опозицијата. Тое денес се виде и на седницата посветена на пратенички прашања, откако пратеникот од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, наброја повеќе производи кои што имаат значително повисоки цени во однос на состојбата од пред неколку недели, но тоа за министерот за економија Бесар Дурмиши, не е енормно зголемување на цените.  

„Сега, во моментот, имаме едно навистина сериозно, брутално поскапување на цените на прехранбените продукти, основните прехранбени продукти, пред сè зеленчукот и овошјето. На пример, денес на пазар пиперките се околу 300 денари, а доматите се околу 200 денари и малку повеќе од 200 денари“, рече Спасовски.

Тој исто така наведе неколку цени за кои, како што рече дека биле зголемени за само една недела. Притоа ги наведе зејтинот кој од 74 денари сега чини од 93 до 118 денари, потоа, кафето било 104 денари мината недела, сега е 120 до 140 денари, меленото месо било околу 638, сега е 730 до 849, пилешкото месо било 376, а сега е 401 до 493 денари, млекото од 56, сега е 67 до 78, јајцата од 103 поскапеле до 148 денари…

Спасовски посочи дека цените на основните прехранбени производи, вклучувајќи деривати, значително пораснале и дека тоа директно влијае врз секојдневната потрошувачка и семејните буџети, предизвикувајќи сериозни последици врз економската состојба на населението.

„Сите сме сведоци дека ова е глобална криза која настапува и таа глобална криза сигурно ќе предизвикува негативни ефекти врз македонската економија, а на тој начин ќе предизвикува негативни ефекти и врз македонските семејства, македонските граѓани“, рече Спасовски, додавајќи и дцека е факт дека во Македонија цените на нафтените деривати поскапеа, какои и дека мерките кои што се преземале не биле навремени и тоа го покажаа резултатите.

„Сето тоа ќе ефектуира и врз растот на цените во маркетите, односно директната дневна потрошувачка за потребите на живеењето на сите граѓани“, рече Спасовски, прашувајќи го Дурмиши дали како Министерство за економија предвидуваат соодветни мерки коишто ќе значат подобрување или ублажување на оваа кризна состојба во кој било тип?

Притоа, рече дека прашањето има дополнителна тежина, бидејќи во соопштение на Министерството за економија се вели дека во 2025 година преку ограничувањето на маржи на 102 групи производи и цени на осум групи основни прехранбени производи ја стабилизира инфлацијата.

„Прашањето е дали сега моментално преземате мерки. Мислам дека е крајно време тоа да го правите час поскоро, бидејќи ние можеме да правиме статистики, просечни статистики итн., меѓутоа секој ден, секој човек кој оди во маркетите може да ги види цените коишто растат, иако за тоа не се преземаат навремени мерки мислам дека понатаму ќе биде се задоцнето“. рече Спасовски.

На ова Дурмиши одговори дека мерките што ги презеде Владата во изминатиот период за стабилизирање на цените и заштита на стандардот на граѓаните даваат резултати.

Министерот посочи дека глобалните пазарни потреси неминовно се одразуваат и врз домашниот пазар, но државата навреме реагирала со намалување на данокот на додадена вредност за нафтата од 18 на 10 проценти, како и со континуирано следење на цените на прехранбените производи.

Тој нагласи дека државава и понатаму има едни од најниските цени на нафтените деривати во регионот и дека како земја со голема увозна зависност е чувствителна на надворешните ценовни шокови.

За спречување евентуални злоупотреби од страна на трговците, Дурмиши информира дека Државниот пазарен инспекторат распоредил 30 мобилни тимови кои вршат засилен надзор врз целиот синџир – од производителите до трговците. До овој момент, како што рече, не се утврдени енормни зголемувања на цените.

„Испраќаме јасна порака дека нема да има толерирање на неосновано покачување на цените или маржите на добивка. Доколку пристигнат индикации за необјасниви поскапувања, подготвени сме веднаш да реагираме“, истакна министерот.

Тој додаде дека инфлацијата во последните два месеци е во опаѓање и што, според него, е показател за стабилизирање на економските текови.

„Не тврдам дека ситуацијата е идеална, но факт е дека во краток период успеавме да создадеме стабилност и предуслови за понатамошен раст. Нема да дозволиме кризата да се злоупотреби на штета на граѓаните“, рече Дурмиши.

Пратеникот Спасовски реагираше дека министерот нуди „генерални флоскули“ и дека состојбата на терен не кореспондира со она што го презентира Министерството.

„Мислам дека освен генерални флоскули кои ги соопштувате во јавноста и дека немате информации што се случило, односно не сте земале информација дека се поскапуваат цените, еве, јавно објавено е колку поскапеа зејтинот, кафето, меленото месо, пилешкото, млекото и јајцата во само една недела“, истакна Спасовски.

Тој додаде дека секој граѓанин го чувствува растот на цените и дека министерот може лесно да се увери. Во однос на изјавата на министерот дека Македонија има најниски цени на горива во регионот, Спасовски рече дека тоа не е факт и дека во моментот дизелот во Словенија е 1,52, а во Македонија 1,55 евра.