За измените на Законот за минерални суровини поднесени 507 амандмани


Во матичната собраниска Комисија за економски прашања, труд и енергетска политикапочна амандманската расправа за измените на предлог на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство.

Претседателот на комисијата Бојан Стојановски информираше дека за првата точка од дневниот ред – Предлог на законот за изменување дополнување на Законот за минерални суровини поднесен од група на пратеници по скратена постапка, поднесени се 507 амандмани од овластените предлагачи, пратениците на Левива, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев.

Координаторот на Левица, Крмов прво реагираше процедурално бидејќи, како што рече, постапката е скратена и се користат деловнички можности за да се одбегне суштинска дебата и оти собранието ќе стане „фабричка лента“ на која без дебата се донесуваат закони и прописи.

Стојановски рече нема никакви затскриени намери и „трикови“, секој може да дебатира за предлозите, и му реплицираше дека кажаните забелешки се одлика на минатата власт и денеска е втор ден од расправата, укажувајќи дека амандманите заслужуваат аргументација, но и дека и јавноста ќе може да ги слушне аргументите за измените.

– Имаме поднесено 507 амандмани на овој закон и уште 500 и нешто на наредниот закон. Тука се работи за предлог-закон за изменување дополнување на законот за минерални суровини 507 амандмани за да го свртиме вниманието на јавноста затоа што ќе се дозволува експлоатација на концесионер без имотно-правни односи, нешто што е апсурд, само со најобична иницијатива за експропријација којашто ќе важи и ретроактивно. Значи и за сите процедури кои се започнати за експропријација оваа одредба ќе важи, вели Крмов кој оцени дека ова бил наменски закон за „Бехтел и Енка“.

Тој кажа дека со измените инвеститорите ќе имаат дозвола за градење, дека се кршат човекови права и правата на приватната сопственост на граѓаните и побара да ги повлечат.

Стојановски образложи дека не станува збор за ниту една корпорација туку измената се однесува на јавните претпријатија за минерални суровини и јаглен и за постапка во која се прифаќа отпочната иницијатива, дека експропријацијата не може да се спроведе доколку не бидат запазени сите важечките закони.

– Вие ако го видите законот ќе видите дека се работи за закон којшто исклучиво може да го користат само јавните претпријатија, и тоа јавни претпријатија директно од енергетскиот сектор. Како партија обработувате како тема и мислам дека имаме заеднички став дека ние како држава треба да сме енергетски независна држава и да произведуваме евтина електрична енергија преку којашто потоа ќе може да се имплементира и да се рефлектира на пониска цена на краен потрошувач што е интерес на сите нас како политичари-рече Стојаноски.

Тој нагласи дека во минатото имало такви одредени јавни набавки за кои сега се водат судски постапки, но дека сега дебатата е можност да се одговарат сите прашања, потенцирајќи дека ако се отворат нови ископи на јаглен за да се произведува поефтина електрична енергија, мора да се запазат сите процедури.

Пратеникот Реџеп Исмаил кажа дека е неприфатливо што големите капацитети работат нерентабилно, и дека не треба да се прават „шминки на законите“, туку, вели, да се промени системот, да се види колку има корист државата, колку корист имаат граѓаните, а не само странските корпорации.

Дебатата продолжи и за влијанието на здравјето и генерално за животната средина, дека треба да се ревидира целиот систем на рударство и ископини..

Во моментов е дадена пауза по која седницата на Комисијата треба да продолжи.