За и околу даноците

Наметнувањето на нов даночен систем со повисоки зафаќања, при иста (не)ефикасност на администрацијата, со иста неказнивост на висока корупција само ќе ги потврди резултатите поради кои се вративме кон рамни даноци


„Сите влади немаат иста природа. Некои се помалку алчни од други, а разликите меѓу нив се засноваат врз принципот дека јавните давачки се поскапи колку што се оддалечуваат од својот извор. Ова бреме не треба да го мериме според обемот на оданочувањето, туку според патот што треба да го поминат додека повторно да се вратат во рацете на оние од кои излегле. Кога циркулацијата е брза и добро утврдена, не е важно дали е платено многу или малку, народот е богат и финансиите се секогаш добри. Напротив, колку и да е малку тоа што народот го дава, ако тоа малку воопшто не му се враќа, набргу тој се исцрпува од постојаното давање. Државата никогаш не се збогатува, а народот секогаш е сиромашен“.

Од „Општествен договор“, Жан-Жак Русо, 1762 година

 

Даноците во Македонија

Парадигмата на намалени даноци се практикува повеќе од една деценија во Македонија. Идејата зад неа е едноставна и либерална. Имено, верувањето е дека доколку се намалат трошоците на бизнисите и најбогатите на краток рок, тоа на долг рок би резултирало со повисоки инвестиции, вработувања и економски раст. Историски, оваа идеја, иако веднаш наишла на потсмев (Вил Роџерс, на пример), сепак била основен столб на повеќе администрации на САД почнувајќи од Регановата администрација. Секако дека оваа парадигма, која сè уште е популарна и во Македонија, не само што не ги исполнува целите туку и резултира со негативни стапки на економски раст, како што покажуваат и емпириските истражувања на ММФ, но и праксата и резултатите во Македонија. 

Во Македонија даночните приходи се речиси  60 отсто од вкупните приходи на централниот буџет и фондовите. Од нив речиси 50 отсто се приходи од ДДВ како просек за периодот 2008-2020, данокот од добивка околу 9 отсто и данокот од личен доход околу 14 отсто. Јасно е дека вака поставен даночен систем обезбедува половина од даночните средства за јавните функции на државата од потрошувачката на граѓаните и затоа е регресивен, не е фер, не е ефикасен и не помага за намалување на сиромаштијата и нееднаквоста. 

Од другата страна на паричката од оданочувањето е (не)квалитетот на јавни услуги кој граѓаните го добиваат од централната и локалните власти, судовите и законодавниот дом. Русо уште пред 250 години укажал што може да се случи доколку: „…колку и да е малку тоа што народот го дава, ако тоа малку воопшто не му се враќа, набргу тој се исцрпува од постојаното давање. Државата никогаш не се збогатува, а народот секогаш е сиромашен“. 

Кој плаќа даноци во Македонија? 

Истражувањата на Центарот за економски анализи (ЦЕА) покажуваат дека профилот на даночните обврзници во Македонија се разликува по неколку белези:

ПОЛ: забележана е поголемата даночна дисциплина за доброволно исполнување на даночните обврски и повисок степен на даночен морал кај лицата од женски пол споредено со лицата од машки пол. Оваа разлика може да се должи на јазот и родовата нееднаквост кои постојат помеѓу мажите и жените на пазарот на труд. Жените покрај тоа што се помалку застапени и помалку активни на пазарот на труд, можеби се подложни на поголем ризик од губењето на работното место и затоа се подисциплинирани во доброволното исполнување на даночните обврски.

ВОЗРАСТ: 7 од 10 лица на возраст од 18 до 24 години би сакале да плаќаат повисоки даноци и да живеат во странство, додека постарите лица би сакале да плаќаат пониски даноци и да живеат во Северна Македонија. 

СТЕПЕН НА ОБРАЗОВАНИЕ: Повисокото ниво на даночен морал е забележан кај даночни обврзници со низок степен на образование. Овој наод има можно објаснување поради фактот дека оние со повисоко образование најверојатно се повеќе информирани, а со тоа имаат и повисока свесност за политичката економија и девијациите во општеството па, можеби во просек, нивната перцепција за неплаќање на даноците е прифатлива доколку високата корупција е неказнета. 

КУПОВНА МОЌ: Најголем дел на даночните обврзници чии приходи се над 40 илјади денари би плаќале повисоки даноци но да живеат во странство. Тие се информирани за даночниот систем во државата и плаќаат пропорционално повеќе данок за разлика од лицата со пониски примања, но од друга страна тие не веруваат дека правото владее и се на мислење дека нема квалитетни јавни услуги и затоа дополнително плаќаат за услуги од расположливиот доход во приватно образование и здравство бидејќи сметаат дека не добиваат соодветна услуга споредена со даноците кои ги плаќаат. 

Порака од граѓаните-даночни обврзници 

Истражувањата на ЦЕА покажуваат дека даночните обврзници во Македонија не сакаат да ја гледаат својата врска со државата како жртва и принуда од страна на предаторот/држава, туку како процес на размена од заеднички интерес (Русо: „…сите влади немаат иста природа. Некои се помалку алчни од други, а разликите меѓу нив се засноваат врз принципот дека јавните давачки се поскапи колку што се оддалечуваат од својот извор“). Граѓаните сакаат да се чувствуваат повеќе како корисници на услуги отколку како гласачи. Незадоволството и недовербата кон властите, во голема мера придонесува за фрустрираност на граѓаните и затоа бараат начини за канализирање на фрустрациите.

Доколку во континуитет граѓаните имаат чувство за злоупотреба на нивните средства од страна на властите, тоа влијае негативно врз степенот на даночниот морал како одговор на перцепцијата за неодговорно трошење на даночните средства и се одразува во низок степен на доверба во институциите. Даночните обврзници во најголем дел немаат доверба во државните институции ниту на локално ниту на национално ниво и сметаат дека доколку би плаќале повисоки даноци истите само можат да бидат злоупотребени, а не и дека ќе бидат инвестирани во подобрен квалитет на јавните услуги. 

Како понатаму? 

Прво, треба да се постави платформата и амбиентот за главните актери, а тоа се државата преку централната и локалната власт и граѓаните како даночни обврзници. При тоа не би се задржувал на тривијалноста од дефинирање на даночна база и на даночни стапки и евентуални ослободувања (кои во принцип не би требало да ги има) бидејќи тоа доаѓа понатаму откако ќе се постават главните параметри на платформата вклучително и одговорот на прашањето што всушност сакаат властите да постигнат на краток, среден и долг рок со даноците. 

Оттука, важно е да се знае дека доброто управување е процес во кој значителна улога има и однесувањето на граѓаните воопшто, а посебно значајно во фискалната сфера е однесувањето на граѓаните како даночни обврзници. Граѓанската одговорност е условена и од однесувањето на државата. Таму каде државните институции промовираат приватни интереси за сметка на јавните, таа држава е предаторска и таму не може да очекуваме граѓанска одговорност или пак висока даночна усогласеност од страна на даночните обврзници. Односно, колку е поголема довербата кон институциите, толку граѓаните немаат потреба за изнаоѓање решенија за избегнување на даноците. Даноците се цената што граѓаните ја плаќаат за владата во нивно име да генерира услуги кои ќе придонесат кон подобрување на нивната благосостојба (Русо: „Кога циркулацијата од оданочувањето е брза и добро утврдена, не е важно дали е платено многу или малку, народот е богат и финансиите се секогаш добри“).

Дали треба да има даночна амнестија?

Италија е пример каде што повеќето амнестии на затајувачите на данок воведени од неколку италијански влади придонеле за понатамошно влошување на проблемите со италијанската наплата на даноци токму затоа што со амнестиите одново и одново се потврдува дека системот никогаш нема да биде фер кон редовните плаќачи т.е. кон оние со повисок даночен морал. Нешто што и во нашето општество не е непознато и доколку се повторува може дополнително да ја влоши и онака големата недоверба и во судската и во извршната власт. Даночната амнестијата е секогаш неуспешен очаен обид на слаба држава која бара инстант замена за владеење на правото. Иронијата е во тоа што сакајќи да почнат со нови и праведни општествени односи, со даночната амнестија всушност го поткупуваат на најнизок начин принципот на правна држава преку инстант индулгенции. 

Владеењето на правото и функционалноста на демократскиот систем е силен фактор кој влијае на даночниот морал на граѓаните. Доколку се толерираат и не се спроведуваат санкции за затајувачите на даноците и за високата корупција, тоа може да влијае врз одлуката на граѓаните за навремено и целосно подмирување на своите даночни обврски. Главно посветувајќи се на санкции, а не на мотивирање на граѓаните да имаат чувство на одговорност и припадност во заедницата, тоа е однесување на слаба држава. Да се потсетиме овде на зголемените казнени експедиции каде УЈП и инспекциските служби во Македонија се злоупотребуваа за политички и фискални цели кои беа надвор од функцијата на овие органи и беа главен инструмент во заробеноста на државата и служеа за генерирање на пиштење и вриштење на даночните обврзници од предаторите. 

Прогресивни даночни стапки и даночен систем 

Еден од наодите кој го идентификувавме во ЦЕА анализите е дека даночните обврзници не се подготвени за зголемување на даночните стапки сега, односно евентуалното зголемување на оптоварувањето на даночните обврзници силно би влијаело кон намалување на даночниот морал и би можело да резултира во изнаоѓање на креативни решенија за избегнување на плаќањето на даноците, како на пример отворање на сметки во соседните земји и префрлање на доходот во друга земја како и префрлање на доходот на други лица (блиски лица) кои сè уште не го достигнале прагот за прогресивно оданочување. Токму затоа и концептот на прогресивно оданочување во земјата беше ставен во мирување од самата влада, во очекување да се подобри владеењето на правото.

Значи, треба да разјасниме, македонските граѓани се за задоволување на социјалната правда според нашите истражувањето. Односно, граѓаните во Македонија го сметаат повисокото даночно оптоварување на тие кои имаат повисоки примања за фер општествен однос. Со други зборови, даночната праведност е за сите што ја исполнуваат својата општествена обврска – секој праведно да го плати својот дел, но тоа треба да се направи без брзање и не заради задоволување на идеолошки или политички цели туку само преку соодветно утврдени категории за богатство, цели на оданочување, даночна база, прагови на даночни стапки и евентуални ослободувања итн.

За повторно воведување на прогресивноста во даноците битно е да има јасно дефинирана цел, а не исполнување на политичка идеологија и желба за повисоки даночни приходи. Повисоки приходи се идни обврски кон граѓаните за поквалитетна јавна услуга и тоа нема врска со процентуалното зголемување на приходите во приходната страна на и онака стероидниот буџет на Македонија. Од друга страна, имајќи ја предвид неказнивоста на високата корупција и неефикасната администрација под знак на прашање е дали повисоките приходи би значеле и поквалитетни јавни услуги, а со тоа и повисока благосостојба. Во врска со целта за поправедно општество тука дебатата е завршена, бидејќи релативно поголем дел од граѓаните одговорија дека тоа прашање е тривијално, потврдниот одговор се подразбира и затоа тоа не е предмет на дебата. 

Предмет на дебата е што се прави со прибраните даноци од страна на државата (Русо: „…колку и да е малку тоа што народот го дава, ако тоа малку воопшто не му се враќа, набргу тој се исцрпува од постојаното давање. Државата никогаш не се збогатува, а народот секогаш е сиромашен“). И тука е проблемот на каузалноста. Имено, прво треба да се остави да профункционира владеењето на правото, да се врати довербата на граѓаните во државата и да профункционира даночниот морал. Само со повисок даночен морал во Македонија, според пресметки на ЦЕА, има потенцијал за дополнителни околу 100 милиони евра прибрани централни даноци (околу 6% од вкупните даночни приходи) и скоро 2,5 милиони евра дополнително прибрани локални даноци (околу 1,5% од вкупните даночни приходи) без промена на даночните закони и без зголемени даночни стапки. 

Тоа може да се постигне со поголема информираност на даночните обврзници, намалување на товарот за даночно усогласување и поедноставување на процедурите за плаќање и пријавување на даноците. 

Еден од заклучоците од истражувањата на ЦЕА, помогнато од ЕУ, е дека даночните обврзници во Македонија се сметаат себеси за недоволно информирани во однос на даноците. Неинформираноста или пак погрешното толкување може да доведе до погрешна примена на даночните прописи кај даночните обврзници и е потенцијален извор за избегнување на плаќање на данокот или даночно затајување. Владата е во обид да ја подобри размената на информации помеѓу даночните органи и даночните обврзници, односно да ја подобри целокупната транспарентност за даночни прашања како и подобрувања преку е-услуги. Главна цел на овој приоритет е да се подобри квалитетот на услугите што даночните обврзници ги добиваат од даночните органи со цел да се зголеми економската остварливост на процедурите, да се поедностават и забрзаат истите и да се намали административниот товар поврзан со тие процедури (во Македонија микро и малите и средни претпријатија на секој 1 милион денари платен данок плаќаат околу 1.000 евра за активности за даночно усогласување). 

Дополнително, даночните обврзници ја истакнуваат потребата и корисноста од евентуално постоење на дополнителни канали за информирање како што се локални канцеларии или бесплатни телефонски линии преку кои ќе се овозможи дополнително информирање за видот на даноци, процедурите, роковите, начините на плаќање, како и за дистрибуцијата на прибраните средства од даноци, со оглед на тоа што имаат потешкотии во поимањето, и разграничувањето на истите. Едноставноста на процедурите за плаќање и пријавување на даноците е еден од факторите кои влијаат на склоноста на граѓаните кон подмирување на своите даночни обврски. Конфузноста во разбирањето на даночните обврски може да створи одбивност и одолговлекување на подмирувањето на обврските. 

Каузалност кон повисоки даночни приходи не може да оди прво со наметнување на повисоки даночни стапки и приспивна приказна за општествена правда при иста политичка економија, неефикасна администрација и неказнивост на високата корупција. Треба прво граѓаните да видат дека правото владее во Македонија барем во два политички циклуса. Веќе по првиот политички циклус ќе може да се очекуваат зголемени даночни приходи поради зголемен даночен морал од даночните обврзници и без промена на даночните закони. Потоа може да се дебатира отворено за целите на некој нов даночен систем во Македонија и да се прогнозираат повеќе даночни приходи и од тој нов даночен систем. Наметнувањето на нов даночен систем со повисоки зафаќања од даночните обврзници, при иста (не)ефикасност на администрацијата, со иста неказнивост на висока корупција и со ваква политичка економија само ќе ги потврди резултатите поради кои се вративме кон рамни даноци по неуспешната епизода на прогресивност.

(Марјан Николов е претседател на Центарот за економски анализи)