За германските медиуми состојбата во Бугарија е политичка трагедија
Бугарија не може да се смири, земјата е во постојана криза, а довербата на гласачите се топи. Политичката трагедија што се игра со месеци влегува во нова сезона, се оценките деновиве на германските медиуми за најавата за нови избори во земјата.
Германската новинарка Барбара Јортел, која добро ја познава Бугарија и редовно пишува на теми поврзани со земјата, во својот коментар за Тагесцајтунг (TAC) зборуваше за „политичка трагедија“ и „трајна криза“, а за претстојните петти парламентарни избори за само две години, таа забележува: „Со оглед на моменталната ситуација, учесниците на нив веројатно би можеле да се поштедат од овој нов напор.
„Политичката блокада во која Бугарија живее веќе две години води кон растечко разочарување од политиката и губење на довербата кај гласачите. Во овие услови големи се и шансите националистичките партии да ја зголемат поддршката“, коментираат од ТАЦ.
Поради тековната политичка криза во земјата, претседателот Румен Радев стана заштитно лице на Бугарија, забележува „Тагешау“, прецизирајќи дека претседателот практично владее со земјата од мај 2021 година. Иако неговата репутација паднала од 51 отсто на само 36 % во последната година Радев и понатаму ужива најголема доверба во Бугарија, пишуваат германските медиуми.
„Претседателот Радев под превезот на кризата полека но сигурно ја проширува својата моќ. И ова е истиот човек кој најави дека неговата цел е борбата против корупцијата. Колку има успех во оваа насока може да се види во најновиот извештај на Советот на Европа, во кој на балканската држава и беше дадена поразителна оценка“, коментира Барбара Јортел на страниците на ТАЦ. Таа исто така забележува дека Радев отворено гледа кон Москва.
На овој аспект внимание обрнува и германски „Зидојче цајтунг“. Весникот не пропушта да забележи дел од проруските изјави на Румен Радев, како и зголемената активност на руската пропаганда во Бугарија во последните месеци. Весникот пишува и за гневната реакција на Радев на објавата во „Ди Велт“ според која владата на Софија и Кирил Петков индиректно ја поддржале Украина со муниција и гориво повеќе отколку што се знаело.
Сите три германски изданија забележуваат уште една важна работа – политичката криза во Бугарија, која трае веќе две години, станува пречка за многу реформи кои и се потребни на земјата. Според ТАЦ и „Зидојче Цајтунг“, во овие околности планираното воведување на еврото во 2024 година може да остане само неостварен сон. Истото важи и за пристапувањето на Бугарија во Шенген зоната или спроведувањето на судските реформи. А, продлабочената политичка поделеност значи дека Бугарија ја чека тешка битка и покрај тоа што огромното парламентарно мнозинство го поддржува усвојувањето на еврото, коментира „Вашингтон пост“.
Со оглед на војната, чиј крај засега не може да се предвиди, но која повеќе од кога било бара единство во ЕУ, тоа не се воопшто добри изгледи. Оваа 2023 година – особено за Бугарија, нема да биде добра, заклучува „Тагесцајтунг“.