За фестивал без оркестар и изведба во живо 400 илјади денари се доволни


Стручната комисија за музичко-сценска дејност го поддржа Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во ист износ како и минатата година, со истото образложение дека оваа сума е доволна како поддршка за манифестацијата која се одржува на снимена лента, без трошоци за оркестар и изведба во живо, соопштија од Министерството за култура по прес-конференцијата на градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов дека за овој фестивал се доделени 400.000 денари.

Од Министерството потенцираат дека стручната комисија за музичко-сценска дејност, во своето оценување на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, манифестацијата ја бодувала согласно со описот во пријавата.

-Комисијата го поддржа Фестивалот во ист износ како и минатата година со истото образложение, дека оваа сума е доволна како поддршка од Министерството за култура, за манифестацијата која се одржува на снимена лента, без трошоци за оркестар и изведба во живо, со што и опаѓа квалитетот на истата, стои во писменото соопштение од Министерството за култура.

„Макфест“ и минатата година се одржа без финансиската  поддршка од Министерството за култура, бидејќи и тогаш Општина Штип не ја прифати доделената сума. Фестивалот за првпат беше од ревијален карактер, без награди и победници.