За дипломатските пасоши важат истите правила како за обичните околу новото име на Македонија


И за дипломатските и службени пасоши е ист законот како и за сите патни исправи во согласност со Договорот од Преспа, одговорија од Министерството за надворешни работи на прашањето од МКД.мк дали имателите на дипломатски пасоши имаат посебен третман на граница  кога тие го содржат старото име – Република Македонија..

„Законската обврска за менување на патните исправи во контекст на имплементација на Договорот од Преспа важи за сите видови патни исправи, вклучувајќи ги и дипломатските и службените пасоши. Министерството за надворешни работи, во февруари 2023 година, ги потсети сите државни институции во Република Северна Македонија дека нивните вработени, како и сите именувани и избрани лица кои имаат право да поседуваат дипломатски или службени пасоши треба навремено да ја започнат постапката за нивно менување“, се вели во одговорот на Министерството за надворешни работи.

Вчера на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски и Миле Лефков на македонско-бугарската граница, на граничниот премин „Делчево“ не им беше дозволен излезот од Македонија со пасоши на Република Македонија, но сепак беа пропуштени кога ги покажаа дипломатските пасоши со старото уставно име на државата.

Вчера, техничкиот премиер Талат Џафери на новинарско прашање за овој случај одговори дека користењето на дипломатски пасоши кои не го содржат уставното име на држаата преставува злоупотреба и нагласи дека треба да биде разрешен секој функционер кој ќе направи таква злоупотреба.

Синоќа Петре Шилегов, член на Извршниот одбор на СДСМ во телевизиско гостување наведе имиња на десет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои ги замениле старите дипломатски пасоши со нови, односно со уставното име Република Северна Македонија. Нему целта му беше да каже дека наспроти изјавите од таа партија дека треба да се продолжи рокот за патните исправи со старото име на државата,наведените пратеници побрзале да се стекнат со дипломатски пасош со кој непречено ќе можат да патуваат во странство. Интересно е дека Шилегов го кажа и името на Миле Лефков, како пратеник кој извадил нов дипломатски пасош. истовремено техничкиот премиер Талат Џафери порача дека употребата на дипломатските пасоши со старото име е злоупотреба.