За десет години Албанија ја напуштиле најмалку пола милион граѓани
Тирана – Во последната деценија, односно во периодот од 2014 до 2024 година, само преку легална емиграција, од Албанија заминале над 478 илјади граѓани. Но, реалниот број на оние кои ја напуштиле земјата е многу повисок, ако се земе предвид илегалната имиграција, објави весникот „Тема“.
Најпосакувана дестинација и понатаму е Германија, по што следуваат Франција, Италија и Велика Британија.
Континуираното и незапирливо иселување, особено во последните години, констатира весникот, предизвикало силни последици во општествениот и економскиот живот на државата, оценувајќи дека она што посебно загрижува се високите стапки.
Според податоците на Европскиот институт за статистика, Албанија има највисоко ниво на имиграција во регионот. Додека земја со најниско ниво е Црна Гора.
-Како причини што ги принудуваат Албанците да емигрираат се наведени семејните причини, а потоа вработувањето. Причините за подобро работно место се интензивираа во последните години. На трето место е потребата од поквалитетно образование. Но, иселувањето на високо ниво, особено на младите, има последици за земјата, наведува „Тема“.
Тоа се согледува во намалување бројот на населението, предизвикува недостиг на работна сила на пазарот на трудот, ја намалува потрошувачката и продуктивноста на економијата.