За Бујар Османи најголема опасност е да има граѓански устав
Бујар Османи денес одржа панел дискусија со универзитетски професори и аналитичари на тема: „Граѓански устав vs. Охридски устав“. Османи ја изрази својата загриженост дека идејата за унитарен устав, со кој ќе се избришат етничките заедници, иницирана прво од Левица, потоа од ВМРО-ДПМНЕ, сега е поддржана од албанските политички опоненти. „Шокантно е што албанските опозициски партии влегоа во оваа игра, поради калкулации за власт“, рече тој.
„Тезата за граѓански устав, или устав каде основна единица на државата е само индивидуата, а не колективот, како формирачка единица на државата, е најголемата опасност што може да ѝ се случи на државата и најголемото укинување што може да му се случи на Охридскиот рамковен договор… Отстранувањето на сите заедници од Уставот, односно враќање на мнозинската демократија, каде доминантно е надгласувањето и мајоризацијата. Прашањето за балансерот, мислам дека во суштина овој предлог има врска со албанофобијата “, рече Османи.
Османи истакна дека Охридскиот рамковен договор ја трансформирал државата, од мнозинска демократија, каде што имаше целосна мајоризација од една заедница кон другите заедници, во консензуална демократија. Во овој контекст, тој се заложи дека ќе остане чувар на Охридскиот рамковен договор, за заштита на консензуалната демократија.
Меѓу панелистите кои учествуваа на дебатата беа: универзитетските професори Фатмире Лимани, Аслан Билали, Али Муслиу, Ќани Нухиу, аналитичарот Алберт Муслиу, поранешниот претседател на Уставниот суд Салих Мурат и адвокатот Срѓан Амет.