Вучиќ со фотографии од погребот на терористите во Диво Насеље ги обвини Тирана и Приштина за лицемерие


Сакајќи да го претстави, како што кажа, лицемерието на Приштина и на Тирана околу осудата за прогласениот ден на жалост за сите загинати во Бањска, претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа на РТС покажа фотографии од погребите на албанските терористи кои во 2015 година убија македонски полицајци во Диво Насеље. Тој потсети дека во 2015 година во Куманово имаше голем конфликт меѓу „вистински албански терористи кои ја нападнаа суверената и меѓународно призната држава Република Македонија, земја на ОН“.

„Србија го одбележува Денот на жалоста поради трагични настани. Одбележуваме Ден на жалост за тројцата загинати Срби и за убиениот полицаец. Тоа е цивилизациска одлука и сериозна одлука. Еди Рама не ја кажа вистината, прогласивме Ден на жалост за сите убиени“, рече Вучиќ.

Тој вели дека албанските власти се лицемерни и држат предавања за европски вредности, а албански терористи нападнале во Куманово и убиле осум македонски полицајци.Загинаа дури осуммина македонски полицајци, рече Вучиќ, прикажувајќи го државниот погреб во Приштина на кој имаше знамиња на терористичката ОВК, а присуствуваше и Иса Мустафа.

„Што се случи? Во тоа време, ниту Рама, ниту некој од ЕУ не држеше предавања. Правеа комеморација за сите Албанци убиени во Куманово. Цела сала, сите беа организирани. И никому ништо. И тоа не е крај“, рече тој покажувајќи фотографија и од споменикот на Бег Ризај.

-Ова е Бег Ризај, еден од убиените терористи, а ова е споменик поставен на него во Дечани. Околу споменикот поставува свеќи Рамуш Харадинај. Толку за нивните принципи, иднината на Европа и сè друго. Ова секако го искористија на највалкан начин. За нив ова е чин на ослободување, а Србите се дивјаци и терористи. Знам низ што минуваат овие луѓе. Веќе една година предупредувам за ова. Ситуацијата врие. Луѓето таму се маченици и светци. Курти на секој можен начин ги обедини Србите. Што очекувате следно? Да биде како Карабах? Нема да биде, рече тој.

Вучиќ посочува дека Србите кои загинаа на Косово никогаш нема да бидат терористи.

„Тоа се семејни луѓе, татковци“, вели Вучиќ. Премиерот на Албанија, Еди Рама, претходно ја повика Европската унија да излезе со уште една изјава и да го осуди денот на жалост кој Србија го објави поради трагичните настани во Косово или „нема да биде на иста линија со неа“.

Косовската полиција го идентификуваше како организатор и учесник на нападот потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ. На прашањето дали снимката што ја објави косовскиот министер е автентична и дали Радоичиќ бил во селото Бањска, Вучиќ одговори дека тоа ќе го утврдат надлежните органи. Прашан која била намерата на нападот на вооружената група врз косовската полиција, српскиот претседател рече дека не знае и негираше дека Србија учествувала во нападот.

„Од каде да го знам тоа, но сигурен сум дека отидоа да ги чуваат своите куќи и да се подготват за некои идни напади“, изјави српскиот претседател. На прашањето дали има информации за нападот, Вучиќ, меѓу другото, одговори: „Веќе една година имам информации дека луѓето се подготвуваат за отпор и тоа не го кријат“, рече тој, додавајќи дека претставниците на Србите од северот на Косово биле против отстранување на барикадите што беа поставени во неколку наврати во изминатите денови.

Српскиот претседател кажа дека за убиството на косовскиот полицаец нема никакво оправдување, но додаде дека за него, напаѓачите на косовската полиција никогаш нема да бидат терористи.

„Ќе побараме да ни ја покажат снимката од дрон за тоа како е убиен полицаецот. Тоа не беше планирано убиство. Како што стојат работите, напаѓачите поставуваа барикади, а не стапици“, рече Вучиќ и додаде дека косовскиот полицаец „бил ранет од експлозив што бил користен за поставување барикади“ и дека по тоа имало пукање. Според неговите тврдења, косовската полиција потоа тргнала во акција со намера да ги „ликвидира сите Срби“. Тој ја обвини владата на косовскиот премиер Албин Курти за „терор“ врз Србите од Косово и ги повика Србите на мир.

Конфликтот се случи во време кога преговорите со посредство на ЕУ за нормализација се во застој, при што Вучиќ вети дека никогаш нема да го признае Косово, а косовската влада одбива да воспостави полуавтономна асоцијација на српски општини.

САД ги поддржуваат преговорите и досега застанаа на страната на Европа бидејќи најголем дел од вината за нивниот неуспех ја префрлаа на косовскиот премиер Аљбин Курти. Но, администрацијата на Бајден ја истражува вмешаноста на Белград во паравоената единица и се обидува да ја открие нејзината мисија.

Доколку се утврди дека Вучиќ бил вмешан, тоа би можело да го промени пристапот кон преговорите на САД и ЕУ, кои законодавците од двете страни на Атлантикот ги критикуваа како пристрасни кон Белград. Ова може да доведе и до санкции против Србија.

„Се појасно е дека имало сценарио да се предизвика конфликт, српската војска да влезе да го заштити српскиот народ на север и на тој начин да ја изврши поделбата на Косово. Оваа операција, без разлика кој е директно одговорен за неа во Белград, ја премина црвената линија која Западот не може да ја толерира. Ваквата ситуација Курти не ја испровоцира, како што коментира мнозинството во Белград. Напротив, тој покажа зрелост, а косовската полиција покажа професионализам“, изјави Соња Бисерко, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.

 Американскиот државен секретар Антони Блинкен го осуди нападот врз косовската полиција и рече: „Сторителите на ова злосторство мора да одговараат преку транспарентен истражен процес“. Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од какви било активности или реторика што може дополнително да ги подгрее тензиите“.

Блинкен повика на „враќање на дијалогот со посредство на ЕУ“.