Втор ден одложувања на европските аеродроми по кибер-нападот

Патниците на неколку европски аеродроми продолжија да се соочуваат со одложувања денеска откако кибер-нападоткој ги оневозможи автомтизираните системи за пријавување и качување во авион, јави ДПА.
Аеродромите во Берлин, Брисел, Даблин и Лондон вчера пријавија ИТ проблеми, соопшти организацијата за контрола на воздушниот сообраќај Еуроконтрол.
Аеродромот Хитроу во Лондон и аеродромот Берлин-Бранденбург (БЕР), кој го опслужува германскиот главен град, соопштија дека американската компанија „Колинс Ероспејс“ била погодена од кибер-нападот.
Фирмата, која е активна во различни области на воздухопловната технологија, потврди за ДПА дека „станала свесна за прекин поврзан со кибер-напад на нивниот софтвер „MUSE“ на одредени аеродроми“.
Во соопштението денеска, аеродромот БЕР им порача на патниците дека треба да продолжат да очекуваат подолго време на чекање и можни одложувања.
-Ги молиме сите патници да бидат што е можно поподготвени. Аеродромот БЕР вложува максимални напори за да ги сведе прекините на минимум, соопшти аеродромот.
Според нив, работењето на терминалите се одвива непречено и им се советува на патниците да се пријават преку интернет или на автоматите за самопослужување на аеродромот.
На аеродромот вчера беа откажани четири слетувања и четири заминувања. Најмалку 10 летови од аеродромот во Брисел беа откажани, а 17 други беа одложени за повеќе од еден час вчера, со долги редици на пријавувањето.