Врховниот суд на Бразил го осуди Болсонаро за подготвување воен удар

Мнозинството судии на Врховниот суд на Бразил гласаа за осуда на поранешниот претседател на земјата, Жаир Болсонаро, за заговор за воен удар, оставајќи го крајнодесничарскиот популист соочен со децениска казна за водење на криминалниот заговор.
Судијката Кармен Лусија Антунес Роча во четврток пресуди дека Болсонаро – поранешен падобранец кој беше избран за претседател во 2018 година – е виновен за обид насилно да се zaдржи до власта по поразот на изборите во 2022 година, што значи дека тројца од петте судии вклучени во судењето го прогласија поранешниот лидер на Бразил за виновен.
Давајќи го својот одлучувачки глас, Роча го осуди она што го нарече обид за „сеење малигно семе на антидемократија“ во Бразил – но славеше како институциите на земјата преживеале и се борат.
„Бразилската демократија не беше потресена“, изјави Роча пред судот во главниот град Бразилија, предупредувајќи на ширењето на „вирусот на авторитаризмот“.
Во вторник, двајца други судии, Александар де Мораеш и Флавио Дино, исто така го прогласија 70-годишниот политичар за виновен за водење на она што првиот го нарече „криминална организација“ која се обидела да ја врати јужноамериканската земја во диктатура.
„Жаир Болсонаро беше водач на оваа криминална структура“, рече Мораеш за време на петчасовното обраќање во кое понуди сеопфатен извештај за бавниот заговор против бразилската демократија.
„Жртвата е бразилската држава“, рече Мораеш, тврдејќи дека заговорот се одвивал помеѓу јули 2021 и јануари 2023 година, кога поддржувачите на Болсонаро беснееја низ Бразилија откако левичарскиот победник на изборите, Луиз Инасио Лула да Силва, ја презеде власта.
Четвртиот судија, Луиз Фукс, гласаше за ослободување на Болсонаро во средата, тврдејќи дека „апсолутно нема докази“ дека поранешниот претседател бил свесен или бил дел од наводен заговор за атентат врз Лула.
Фукс го нарече востанието од 8 јануари 2023 година – кога тврдокорните болсонаристи го ограбија Врховниот суд, претседателската палата и конгресот – „варварски чин“ што предизвика „штета од амазонски размери“. Но, судијата, кој исто така контроверзно тврдеше дека судот нема надлежност за случајот, тврдеше дека нема докази дека Болсонаро е виновен за поттикнување на немирите.
„Не би прогласила политичка смрт на Жаир Болсонаро“, рече д-р Камила Роча, политиколог од Бразилскиот центар за анализа и планирање, која ја проучува бразилската десница.
Роча очекува поддржувачите на поранешниот претседател да продолжат да се борат за да го спасат својот лидер од затвор. Веројатните стратегии вклучуваат обид за избор на голем број десничарски сенатори на изборите следната година кои би можеле да ги отповикаат членовите на Врховниот суд кои се сметаат за непријатели на Болсонаро; барање до Доналд Трамп да изврши поголем притисок врз Бразил поради тешката состојба на Болсонаро; и обид да се осигура дека кандидат на партијата на Болсонаро ќе го победи Лула на претседателските избори во 2026 година. Нивната надеж беше дека десничарскиот претседател би можел да му одобри помилување на Болсонаро, иако Врховниот суд би можел да ги торпедира тие планови, рече таа.