Време е да се преброиме


Тоа што вчерашната седница на Комисијата за европски прашања беше одложена, наводно поради тоа што не бил обезбеден претставник од мисијата на Европската Унија, е веројатно дел од политичките игри меѓу партиите. Опозицијата се налути затоа што не била консултирана во подготовката на пописот, па сега се бара заеднички јазик за обемната операција. И мора да се најде. Срамота е што веќе 17 години не знаеме колку нè има, колку се отселиле, кој останал, каква ни е економската моќ.

Има логика во обвинувањата дека двете големи теми, пописот и идејата за една изборна единица се отвораат во момент кога е извесно оти во јунскиот термин ќе нема датум за преговори за членство во ЕУ. Но сите мора да бидеме свесни оти пописот од поодамна е договорен за идниот април, па на помалку од една година до попишувањето логично е да се разрешат сите дилеми.

Пописот е исклучително важен статистички алат што ѝ користи на државата при разни цели, како одредувањето гласачко право, данок или економски политики, но бенефит има и за многу други организации, како што се политичките партии или претпријатијата при одредувањето на сопствената политичка, изборна или маркетинг-стратегија.

Поради тоа, скапиот процес што ќе нè чини девет милиони евра мора внимателно да биде испланиран и во согласност со сите политички чинители. Најавите за можен бојкот, иако дадени во политички цели, се исклучително штетни.

Нема ништо страшно во пописот да се стават прашањата за етничката и верската припадност. Тоа воопшто не значи дека ќе се делиме, напротив, време е да се преброиме не поради другите туку исклучително заради нас. Време е политикантството да се тргне настрана, да зборуваме само за чист математички процес.

Македонија досега имаше два пописи и тоа во 1994 и 2002, кој почна со една, а заврши со друга влада. Во поранешната држава, анализа на населението се вршеше дури осум пати: во 1921, 1931, 1948, 1953, 1961, 1971, 1981 и 1991 година.

Третиот попис од самостојноста на државата, кој требаше да се заврши во 2011 година, беше одложен. Главните креатори на политиките во тоа време, Никола Груевски и Али Ахмети, завршија и во еден од предметите на Специјалното јавно обвинителство, но случајот никогаш не стигна подалеку од една прес-конференција на Фатиме Фетаи. Низ шега, во партиите ќе ви речат дека доколку се одржеше пописот, ќе излезеше дека во државата живеат над три милиони луѓе, оти и едните и другите ги пумпале бројките на „своите“.

Затоа, сега е важно да немаме двојно броење, експертите прецизно да дефинираат кој и како смее да биде попишан. Да не ни се случи иселеници од земјава, преку нивни блиски да бидат попишани небаре уште живеат тука. Лажни бројки никому не вршат услуга.

Веројатно ќе бидеме сведоци на поразителни податоци во смисла на иселувањето како масовно бегство од состојбите во општеството, како и за сиромаштијата како показател на лошите економски политики, но барем ќе знаеме на што сме. Ако ништо друго, ќе го средиме Избирачкиот список. Од некаде мора да се почне.

Горан Адамовски